Иранските власти организираа голем марш во Техеран со цел да му ја демонстрираат на Вашингтон решителноста и единството на иранското општество во одбраната на теократскиот режим во војната против Соединетите држави.
Организирајќи марш на стотици илјади припадници на новата паравоена формација, составена од цивили кои изминатиов период добија рудиментарна воена обука, односно ракување со автоматско оружје, режимот порача дека сите тие се подготвени да го положат својот живот во одбрана на земјата.
Приликата исто така беше искористена да се прикажат и дел од батериите на противвоздушната одбрана, особено по тврдењата дека таа била речиси уништена од Израел и САД.
Оваа паравоена формација е на доброволна основа и ќе функционира одделно од веќе воспоставената Басиџ, додека и двете се под команда на Исламската револуционерна гарда. Командантот на револуционерната гарда, генералот Хасан Хасанзаде, изјави дека дури 600.000 Иранци се пријавиле да ѝ се приклучат на оваа паравоена формација.
„Ќе се борам против нив со оваа пушка, дури и без пушка, со нашата верба во Бога сигурно ќе ги поразиме. Божја волја е дека овој народ ќе победи“ – изјавил Фатемех Амири, жител на Техеран.
„Дојдовме да им порачаме на убијците на бебиња, непријателите Израел и Америка дека ќе ја поддржуваме оваа револуција до последната капка крв. Ќе им удриме уште шлаканици по лице“ – додаде Захра Мофрат, жителка на Техеран.




















