Романија презема итни мерки поради рекордно ниското ниво на реката Дунав, што создава потешкотии во работата на Атомската електрична централа „Черна Вода“.
Оваа централа произведува околу 18-20% од вкупната електрична енергија во Романија, a vо регионален контекст, таа е една од најважните енергетски точки на Балканот и Југоисточна Европа.
Националната управа за води на Романија се подготвува да потоне четири бродови во реката за да го подигне нивото на водата во областа на централата и да го обезбеди потребното ладење за втората енергетска единица.

Портпаролката на институцијата, Ана-Марија Агиу, рече дека протокот на Дунав се намалил на само 1.400 кубни метри во секунда, под претходното најниско ниво во 2003 година – ново историски најниско ниво.
Според прогнозата на 7 август ќе се достигне критичното ниво од минус 233 сантиметри.
Романската војска употреби 180 килограми експлозив за да разнесе карпи во близина на каналот Бала во долниот тек на Дунав, во обид да ја пренасочи водата во главниот канал на реката и кон државната нуклеарна централа Чернавода.

Романскиот оператор со електрична енергија уверува дека националниот енергетски систем работи безбедно и покрај невидената суша, но ги повикува граѓаните и бизнисите да продолжат доброволно да ја ограничуваат потрошувачката на електрична енергија.

Романскиот оператор за пренос на електрична енергија „Транселектрика“ соопшти дека во моментов нема никаков ризик за безбедноста на националниот електроенергетски систем и за континуитетот на снабдувањето со електрична енергија и покрај комплицираната ситуација предизвикана од продолжената суша.
Букурешт воведува итни мерки за заштеда на електрична енергија поради енергетската криза.
Главниот град објави пакет од 25 мерки за ограничување на потрошувачката на електрична енергија откако романската влада воведе вонредна состојба за цел август поради намалувањето на производството на електрична енергија.

Меѓу најважните ограничувања е прекинот на полнењето на електричните автобуси во опсегот на шпицот помеѓу 19:30 и 23:00 часот. Се планира и ограничување на активностите за техничко одржување во овој период, како и намалување на уличното и фасадното осветлување за да се оптимизира потрошувачката на електрична енергија.

Б.С.












