Еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ в четврток ќе отпатува во Пекинг на клучни состаноци со кинески претставници, со цел да се обиде да спречи трговска војна. Европската Унија зазеде построг став кон Пекинг за да ги заштити компаниите од нефер пазарната конкуренција во клучните сектори, како што е автомобилската индустрија.
Европските лидери и аналитичари сè почесто предупредуваат на т.н. „кинески шок 2.0“, израз со кој се опишува преминувањето на кинеските компании кон производство на високотехнолошки производи, што ги загрозува многу од традиционалните индустрии во Унијата.
Првиот шок на почетокот од 2000-тите донесе бран евтин извоз од Кина заснован на технолошки помалку напредни производи, што им нанесе штета на производителите не само во Европа, туку и во целиот свет. Функционерите на ЕУ и Кина од јуни наваму водат преговори за да ја отстранат загриженоста на Брисел поради актуелниот трговски дисбаланс.
Европската Унија истовремено се подготвува да ги зајакне своите инструменти за трговска заштита, но Пекинг се закани со одмазднички мерки за сите потези насочени против Кина. Шефчовиќ уште во текот на летото предупреди дека од преговарачкиот процес очекува „опипливи резултати до октомври“. Сепак, експертите предупредуваат дека не треба да се очекува премногу од состаноците оваа недела.












