Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави нови безбедносни мерки насочени кон сузбивање на насилните протести, при кои за време на викендот во централната трговска зона во Милано беше причинета штета од 1 милион евра, откако изгредници, од кои многумина малолетници, ограбија продавници и подметнаа пожари.
Владиниот декрет предвидува распоредување на дополнителни 500 војници во Милано до крајот на годината, обврзува родителите да ја надоместат штетата предизвикана од малолетници и го олеснува кривичното гонење на малолетници постари од 14 години, изјави Мелони во видео објавено на социјалните мрежи.
Мелони истакна дека присуството на толку многу малолетници меѓу изгредниците – вклучително и едно 11-годишно дете, кое било најмладото приведено лице – е „болно и застрашувачко“.
„Младите… дојдоа на плоштадот за да кршат, крадат и да се снимаат додека го прават тоа“, рече таа. „Ова е феномен што мора сериозно да го третираме, исто така и за да спречиме тие слики да станат модел што другите ќе го имитираат.“
Владиниот декрет, исто така, воведува ново кривично дело – насилно учество во демонстрации. Сторителите се соочуваат со казна затвор до пет години и парична казна до 20.000 евра, при што казните се зголемуваат доколку лицата се маскирани или доколку има повредени лица.
Учесниците се исто така одговорни за надоместување на штетата на имотот, а доколку учесникот е малолетник, обврската паѓа на родителите. Ако станува збор за имот на градот или државата, барањето за надомест ќе биде издадено од префектот, појасни Мелони.
Новите безбедносни мерки треба да бидат усвоени како закон од страна на парламентот во рок од 60 дена.
Мерките, исто така, воведуваат претпоставка дека секое лице постаро од 14 години е способно да ги разбере сопствените постапки, освен ако не се докаже спротивното. Досега, утврдувањето на ова беше во надлежност на судијата.
Владата, исто така, го зголемува капацитетот на притворските центри и бројот на судии во правосудниот систем за малолетници.
Во саботата, во центарот на Милано, изгредници се судрија со полицијата, ограбија продавници и подметнаа пожари, испразнувајќи го плоштадот „Пјаца дел Дуомо“ и еден луксузен трговски центар – простори кои вообичаено се полни со купувачи.

Вкупно 271 лице се приведени, меѓу кои 220 малолетници и околу 50 странци, уапсени се 32-ца, а повредени се 14 полицајци, објавија италијанските медиуми по насилните протести во Милано, повикувајќи се на информации од полициски извори. Околу 2.000 млади луѓе, облечени во црно, влегоа во неколку улици во центарот на Милано и на централниот плоштад… Продолжи со читање
Маршот против војните и зголемените трошоци за живот започна мирно. Но, маскирани демонстранти фрлаа камења, коцки од тротоар и други предмети кон полицијата за разбивање немири, а исто така запалија барикади направени од барски маси. Сликите од последиците прикажуваа тешко оштетено возило на карабињерите.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ја растера толпата.
Немирите се совпаднаа со демонстрациите низ цела Франција, насочени против порастот на трошоците за живот и во знак на поддршка за барањата на средношколците. Француската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера насилните демонстранти кои им се придружија на протестите.












