Топлотните бранови во периодот од 18 јуни до 16 август предизвикале 2.935 дополнителни смртни случаи во Белгија, односно 22,6 отсто повисока смртност од очекуваната, соопшти тамошниот Институт за јавно здравје „Сиенсано“ (Sciensano) во извештај објавен во четвртокот.
Во периодот од 18 јуни до 3 јули, Белгија ја регистрирала највисоката прекумерна смртност, со 2.035 дополнителни смртни случаи, односно 48,8 отсто над очекуваното ниво, соопшти „Сиенсано“.
Почнувајќи од 18 јуни, максималните температури од околу 30 степени Целзиусови биле регистрирани во текот на 10 последователни дена, од кои три дена температурите достигнувале околу 35 степени.
И ноќните температури во тој период биле невообичаено високи.
„Сиенсано“ соопшти дека смртноста во периодот од 18 јуни до 3 јули била највисока регистрирана за време на топлотен бран откако институцијата започнала со своите анализи во 2000 година.
Според „Сиенсано“, најголем дел од смртните случаи поврзани со топлотните бранови се регистрирани кај лицата на возраст од 65 години и постари.
Истовремено, прекумерна смртност е забележана и кај помладите лица.
Европа во текот на летото беше погодена од неколку топлотни бранови. Минатиот месец, метеоролошката служба на ОН соопшти дека периодите на екстремни горештини стануваат сè почести, поинтензивни и подолготрајни како последица на климатските промени.












