Австралиската независна пратеничка, Хелен Хејнс (65), е критично повредена откако автомобил удрил во неа пред нејзината изборна канцеларија во градот Вангарата, во сојузната држава Викторија.
Австралискиот премиер, Ентони Албанезе, изјави дека станува збор за наводен намерен напад и дека осомничениот е приведен.
Според полицијата, Хејнс била удрена од теренско возило „Тојота Ленд Крузер“. Четириесет и тригодишниот возач бил задржан на местото на настанот од случаен минувач, по што бил уапсен. Полицијата соопшти дека со него ќе биде спроведен разговор во рамките на истрагата.
„Во тек е голема полициска истрага“, изјави Албанезе пред новинарите во Сиднеј.
„Хелен Хејнс е исклучително посветена на својата работа и е многу интелигентна. Но, пред сè, таа е чесна личност со висок интегритет, која ја почитуваат во целиот Парламент и сите што ја познаваат. Таа е сакана членка на својата заедница и овој настан ќе биде огромен шок за локалното население“, изјави Албанезе.
Хејнс, која за првпат беше избрана во австралискиот Парламент во 2019 година, била пренесена во болница со критични повреди, соопшти полицијата.
Инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на австралиските политичари. Министерот за внатрешни работи Тони Берк во понеделникот соопшти дека, според полициските податоци, во финансиската 2025/2026 година биле регистрирани повеќе од 1.000 закани упатени кон политичари.












