Судот доволно не се осврнал на поврзност на дејствијата на осудените и сообраќајната незгода кај Ласкарци и неспровел супер вештачење за здравствена состојба на возачот Мануел Трифуновски. Ова е образложението на Врховниот суд за укинување на пресудата на Апелација за трагедијата во која загинаа 16 луѓе, а 30-тина патници беа повредени и предметот сега се враќа на повторно одлучување во второстепениот суд.
- Врховен суд: „Ваквиот заклучок на овој суд произлегува од спроведените вештачења и супервештачењето, во кои како причина за сообраќајната незгода се посочува пропустот на осудениот М.Т., притоа нотирајќи ја и неуредната техничка состојба на автобусот, без да се посочи во која мера влијаела таквата неисправност и како таа се одразила во причинување на предметната незгода. Ова дотолку повеќе што од спроведените вештачења произлегува дека нема траги на кочење.“
Дополнително, според судот, од спроведените вештачења јасно произлегува дека сообраќајната ситуација настанала со насочување на автобусот кон лево, по кое следело напуштање на средната сообраќајна лента и дека според растојанието и времето, возачот немал техничка можност со сопирање да го избегне контактот со првата елестична метална ограда.
- Врховен суд: „Оттука, останува не јасно, врз основа на кои факти и докази второстепениот суд заклучува дека неспорно произлегува дека во дејствијата на останатите осудени се содржани елементите на кривичните дела кои им се ставаат на товар.“
Врховниот суд образложува и дека за возачот Трифуновски кој е осуден на 14 години затвор потребно било да се направи супервештачење со оглед на тоа дека имало спротиставени вештачења поднесени од спротивните странки.
На 9 мај Апелациониот суд на газдата на Дурмо турс“, Дурмиш Белули Белули му ја зголеми затворската казна од четири, на десет години. На одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари кој сега е во бегство од шест на десет години, а на уште тројца вработени во станицата за технички преглед по 5 и по 7 години затвор. Несреќата се случи во 2019 година.
Марија Митевска
Б.С.













