Голем помор на автохтоната македонска пастрмка „Salmo macedonicus“ во реката Треска кај Кичево. Угинувањето на рибата е забележано денеска, откако водата во реката се избистрила.
Според првичната проценка на концесионерот „Хантер Фиш“, на потег долг околу 15 километри, од игралиштето во Влазними и пречистителната станица до селото Лисичани, угинале најмалку 15 тони риба.
Најдени се пастрмки со различна големина, од кои најголемиот дел тежеле меѓу еден и два килограми. Регистрирани се и примероци од три до четири килограми, како и риба потешка од четири килограми. На одделни места во вировите биле забележани и по околу 50 угинати единки.
Од „Хантер Фиш“ предупредуваат граѓаните да не ја собираат и консумираат угинатата риба, бидејќи не е безбедна за употреба.
Како можни причини за поморот се посочуваат исклучително нискиот водостој на Треска и нефункционирањето на пречистителната станица во Кичево. Од концесионерот дополнително укажуваат и на последиците од градежните работи на новиот автопат, за кои тврдат дека се оштетени повеќе извори и водотеци во подрачјето.
Како проблем се посочуваат и други фекални испусти во кичевското сливно подрачје, од притоките и од самата Треска.
Точната причина за поморот и степенот на загадување на реката треба да ги утврдат надлежните институции со теренска проверка и анализа на водата и угинатата риба.
Во продолжение изјавата на концесионерот Бесар Елези.













