Од вкупно 335 тезги, околу 120 се празни во рамките на пазарот во Тетово, а во исто време надвор од објектот на тротоарите околу, се продава овошје и зеленчук од импровизирани штандови.
Продавачите кои плаќаат наем за тезгите во внатрешноста на пазарот поради оваа состојба со години страдаат од нелојалната конкуренција. Тие се жалат дека продажбата постојано е во опаѓање, па бараат инспекциите и управата на пазарот да преземат мерки и да ги отстранат дивите продавачи.
АНКЕТА
– Сите бараат на главната улица овде. Ние сме скоро 40 откако е отворен овој пазар, ние тогаш сме ги платиле овие тезги.
– Тоа треба да го носи инспекција за да ги тера внатре.
– Овде има сигурно 100 тезги празни сѐ, да се контролираат може да влезат. Да си, ама нејќат, се навикнале таму и тоа е нивна работа.
Раководителот на зелениот пазар бара поголема активност на општинските инспекциски служби, со оглед дека како управа немаат надлежност за надвор од објектот. Бидејќи една третина од тезгите се слободни, не само тие околу пазарот, внатре има место и за оние кои продаваат низ другите градски подрачја, вели тој.
– Мнозина од нив имаат и место внатре во пазар, имаат тезгиња резервирани, меѓутоа тие се навикнати таму кај што имаат фреквенција на луѓе, таму има се знае и повеќе продажба. И така што инспекторите се на терен, меѓутоа мора да бидат малку поагилни. За да бидат повеќе време со нив не само сабајле и после да ги нема. Затоа што тие знаат да излезат па да го повторуваат истото дело, вели Хазви Ризвани, раководител на Зелен Пазар.
Иако Општина Тетово одреди и локација кај Спортскиот центар за бесплатна продажба на овошје и зеленчук од трактори, таа не се користи од земјоделските производители.
Aлександар Самарџиев













