Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

На иста владина седница определени платите за новововедени позиции за екс министрите Љутков и Салиу и тие биле избрани за национални координатори

/

Македонија

Сподели преку :

На последната владина седница која ја има на веб сајтот на владата, одржана на 21 јули, прво била донесена одлука за изменување и дополнување на одлуката за утврдување на коефициенти за пресметување на платата на функционерите кои ги именува владата, при што се утврдени две нови позиции за национални координатори, утврдени се нивните плати и потоа на нововоденитe позиции се назначени поранешните министри Зоран Љутков и Шабан Салиу.

Љутков и Салиу ги добиваат новите функции, една недела по нивното реконструирање на владиниот кабинет предводен од премиерот Христијан Мицкоски.

Одлуката за платите и новите позиции се објавени во „Службен Весник“ на 27 јули. И Љутков и Салиу се национални координатори за истите ресори во кои беа министри, првиот за култура, а вториот за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.

Во моментот, во владата има министер за култура и туризам и тројца национални координатори за истиот ресор, Љутков е за култура, Аккан Махмут е за туризам, а национална координаторка за развој и промоција на туристичката дејност е Билјана Стефаноска (порано директорка на државна агенција).

Од друга страна, во владата повторно има министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 и таа функција ја извршува Ерџан Демир избран на местото на Шабан Салиу. Салиу, пак, е национален координатор со ист титулар како министерот без ресор. Салиу е и меѓу обвинетите за трагедијата во кочански Пулс.

Телма вчера објави дека во моментот има 15 национални координатори кои беа посочени во одговорот од владата.

  • Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам – Павле Трајанов
  • Национален координатор за регионална соработка и европски интеграции – Мустаф Весељи
  • Национален координатор за интеркултурализам, развој на културата и меѓуресорска соработка – Абаз Селмани
  • Национален координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка – Салко Куч
  • Национален координатор за медијација – Љупчо Сотироски
  • Национален координатор за здравство – Ристо Симеонов
  • Национален координатор за високо образование – Солза Грчева
  • Национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика – Верче Мицевска
  • Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси – Владимир Ѓорчев
  • Национален координатор за локална самоуправа – Лилјана Затуроска
  • Национален координатор за туризам – Аккан Махмут
  • Национален координатор за развој и промоција на туристичката дејност – Билјана Стефаноска
  • Национален координатор за комуникација и медиуми – Љатиф Арифи
  • Национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 – Шабан Салиу
  • Национален координатор за култура – Зоран Љутков

Согласно одлуките на владата за коефициенти на плати, од март и од април има вкупно 26 позиции за национални координатори и три заменички позиции. Законски предвидени се позициите на национални координатори за медијација, за гранично управување и за здравство, а од владата велат дека назначувањата се вршат согласно законот за владата во кој не е стриктно наведена позицијата-национален координатор.

Две позиции се предвидени со договори за меѓународна соработка и националните координатори за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија (за што нема назначен координатор) и тие имаат обврски и активности со меѓуанродни организации, пред сè со Обединетите Нации.

Досега се избрани 15, а уште 11 се предвидени: национални координатори за кохезија, за креирање и следење на национални стратегии и политики на немнозинските заедници, за примена на нови технологии, за дијаспора, за информатика и енергетика, за социјална заштита и процес на деинституционализација, за одговорно владеење и транспарентност, за следење на реализацијата на програмата на Владата, за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Северна Македонија и Координатор на Националниот координативен центар за гранично управување. Тие дополнително може да се изберат.

Платите им се определени по коефициент 2,33, односно околу 106.000 денари месечно нето, без додатокот за стаж. Павле Трајанов (Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам) во Антикорупцсиката комисија пријавил плата од околу 2.000 евра во анкетните листови, а Влатко Ѓорчев (Национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси) пријавил плата од 112.279 денари.

„Согласно областа вршат координација, ја унапредуваат соработката помеѓу засегнати страни, ја претставуваат Владата на највисоко ниво во делот на областа што ја покриваат, обезбедуваат и меѓуинституционална соработка, предлагаат мерки и активности за ефикасна реализација на националните стратегии“, се наведува во одговорот на владата до Телма за активностите на националните координатори.

Од невладиниот сектор кој ја следи администрацијата и управата наведуваат дека позициите најчесто ги нема во законските акти, а не е предвиден ниту начин на надзор врз нивната работа ниту начин за отчет кон граѓаните од чии пари се исплаќаат платите на националните координатори.

„За ваквите работни позиции воопшто не е предвидено јасен опис на надлежности, нивните улога, статусот во системот. Не се знае кому одговараат, не се знае како овие надлежности и дали се преклопуваат со надлежностите на министерствата, на министрите, на замениците министри и државните секретари, ниту пак, освен дека треба да одговараат пред владата, логично бидејќи владата ги именува, како ја извршуваат оваа своја координативна улога. Значи никаде не се пропишани. Велам ниту е пропишана, ниту е јасно елаборирана во системот и во одговорностите кој, кому и пред кого одговара и за што“, вели Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени. 

Листата на национални координатори се зголеми за двајца поранешни министри меѓу кои и обвинетиот Салиу – колкави се нивните плати и кој проверува што работат

Ги има вкупно 15 на листата која во одговор до Телма ја достави владата. Национални координатори има и за демографија, и за медиуми, па дури и меѓу самите нив има дуплирања како на пример тоа што во моментот во владата има и координатор за туризам и координатор за развој и промоција на туристичката дејност. Најновите… Продолжи со читање

telma.com.mk

Најголем дел од актуелните координатори се поранешни министри како Љутков и Салиу, екс пратеници (Ѓорчев, Трајанов, Затуроска) или поранешни директори на државни институции.

Миомир Серафиновиќ

Jumbo 2