Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Листата на национални координатори се зголеми за двајца поранешни министри меѓу кои и обвинетиот Салиу – колкави се нивните плати и кој проверува што работат

/

Македонија

Сподели преку :

Ги има вкупно 15 на листата која во одговор до Телма ја достави владата. Национални координатори има и за демографија, и за медиуми, па дури и меѓу самите нив има дуплирања како на пример тоа што во моментот во владата има и координатор за туризам и координатор за развој и промоција на туристичката дејност.

Најновите две засилувања на листата се доскорешните министри, Љутков од министер стана национален координатор за култура, а иста улога, и сега наместо министер, координатор за стратегијата за инклузивност на Ромите е Шабан Салиу, кој покрај на работа и натаму ќе оди на рочиштата како обвинет за трагедијата во кочански „Пулс“. Од владата велат дека националните координатори се бираат согласно Закон за влада и владината програма.

„Националните координатори се именувани согласно Законот за Влада и се согласно приоритетните области што ги има дефинирано Владата во делот на образование, здравство, демографија и млади, локална самоуправа, туризам, медиуми, а во согласност со приоритетите дефинирани во Програмата. Дел од координаторите се и дефинирани согласно одделни материјални закони, како во делот на здравството и медијацијата. Согласно областа вршат координација, ја унапредуваат соработката помеѓу засегнати страни, ја претставуваат Владата на највисоко ниво во делот на областа што ја покриваат, обезбедуваат и меѓуинституционална соработка, предлагаат мерки и активности за ефикасна реализација на националните стратегии“, се наведува во одговорот на владата до Телма. 

Оние што ја следат работата на управните органи, пак, велат дека законски се регулирани само две позиции, координатор за гранично управување и негов заменик. Останатите национални координатори се во сива зона, а според Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени (ЦУП), единствено се регулирани преку одлуката за коефициенти на плати на државни функционери, а во засебен закон  ги има само координаторот за гранично управување и неговиот заменик. Нема предвиден начин на избор, потреба од позицијата, кој ќе врши надзор врз нивната работа.

„За ваквите работни позиции воопшто не е предвидено јасен опис на надлежности, нивните улога, статусот во системот. Не се знае кому одговараат, не се знае како овие надлежности и дали се преклопуваат со надлежностите на министерствата, на министрите, на замениците министри и државните секретари, ниту пак, освен дека треба да одговараат пред владата, логично бидејќи владата ги именува, како ја извршуваат оваа своја координативна улога. Значи никаде не се пропишани. Велам ниту е пропишана, ниту е јасно елаборирана во системот и во одговорностите кој, кому и пред кого одговара и за што“, вели Неда Малеска Сачмароска од ЦУП.

И наспроти заложбите за штедење и намалување на администрацијата, националните координатори тежат кон спротивното. Во мартовската одлука за коефициенти за функционерски плати, наведени се дури 24 национални координатори и тројца заменици, иако досега само 15 се назначени. Голем дел се преклопуваат со министерски имиња, а платата им е по коефициент 2,33, односно околу 106.000 денари месечно, без додатокот за стаж. Некои како Павле Трајанов пријавиле и плата од 2.000 евра во анкетните листови.

„Трошиме сериозни финансиски средства. Значи половина милион евра отприлика годишно се трошат за овие 24 позиции“, истакна Малеска Сачмароска.

Од вкупно 15 национални координатори, само шестмина пријавиле имотни листови во Антикорупциската комисија, а од оние девет непополнети места, нема законски предвидениот координатор за гранично управување, но нема ниту национален координатор за одговорно владеење и транспарентност, најважната алка во владиниот синџир за битка против корупцијата. Има поранешни министри, пратеници, директори.

Миомир Серафиновиќ

Jumbo 2