Нема лекарска грешка во случајот со 19-годишната родилка од Струмица која остана неподвижна по породувањето. Ова го утврди стручниот надзор на лекарската комисија. Невролошката последица која ја добила по породувањето не е последица од спиналната анестезија.
„Според наодите од комсијата грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница во Штип, породувањето со царскиот рез, анестезијата и следењето по операцијата се спроведени според важечките протоколи. Спиналната анестезија е дадена во лумбалниот, односно долниот дел на рбетот со стандарден лек“-Сашо Клековски, министер за здравство
Петчлената комисија утврдила дека нема поврзаност меѓу анестезијата и невролошката последица, а како можна причина го посочува крвавењето од крвните садови во рбетниот мозок.
„Постои сомневање за нарушено оформување на крвни садови кои прокрвареле, по случајот инцидентно и сосема неповрзано со анестезијата и царскиот рез. Нештото се случува шестиот ден по актот на породувањето. Доколку би настанало ненамерно медицинско оштетување на рбетниот мозок тоа би требало да се манифестира веднаш по аплицирањето на анестезијата, а не дури недела дена подоцна“, рече Миќун Миќуновиќ, неврохирургија
Пред неколку недели, 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница по породувањето со царски рез во Клиничката болница во Штип заврши во инвалидска количка. Нејзиниот свекор обвини за лекарска грешка и побара помош од министерот за здравство. Клековски веднаш издаде налог за вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што пациентката се лекувала.
Тамара Марковска













