Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3).
Според истражувањето, постапката била спроведена трипати во период од 15 месеци, при што со секое повторување станувале познати учесниците, нивните цени и понуди.
Како што наведува Центарот, унгарскиот „Икарус Електрик“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапувале како конкуренти, а во третиот доставиле заедничка понуда, која била избрана како најповолна.
Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, а победничката понуда не била најниска, откако две поевтини понуди биле отфрлени.
Од Центарот оценуваат дека повторувањето на тендерот, промените во условите, составот на понудувачите и недостигот на образложенија за дел од измените создаваат зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата.
Во истражувањето се посочува и дека Министерството за транспорт не ги доставило бараните документи, меѓу кои и анализата врз основа на која била подготвувана и менувана тендерската документација.













