АД ЕСМ еден ден по потпишувањето на рекордниот тендер од 46 милиони евра за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со битолската фирма Марковски Компани, го објавила повикот за набавка на јаглен.
КОД во последната емисија откри дека на владината седница на барање на министри од ДУИ на 28 декември во интерес на рационализација на трошоците АД ЕСМ се донела одлука за забрана на тендери за оваа намена, а потоа истата се укинала на 22 јануари по инсистирање на министри од СДСМ.
Од АД ЕСМ денеска соопштија дека со укажувањето кое било донесено од Владата, се создала неможност за тековното функционирање на производниот процес, по што бил постигнат општествен компромис.
Договорот со Марковски Компани е потпишан на 13 февруари, а следниот ден е објавен јавниот повик за набавка на 1.390.720 тони јаглен за потребите на РЕК Битола во наредните 12 месеци.
ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека СДСМ и ДУИ ги договориле тендерите.
АД ЕСМ не ги објавува јавно договорите склучени по јавните повици за набавка за јаглен, туку само дека повикот е затворен и за колкава количина станува збор. Последниот повик е од септември лани за набавка на 598.000 тони јаглен за една година.
Овој пат двојно повеќе јаглен му треба на РЕК Битола. Воедно и за двојно е поголем и тендерот за Марковски Компани за разлика од тој при крајот на 2022 година, кој изнесувал околу 23 милиони евра.
Од акционерското друштво преку соопштение го објаснија текот на набавката, за која, како што велат, се манипулира јавноста и која сега наместо на 12 е на 18 месеци.
„Оваа набавка се однесува за подолг период, во однос на досегашните, со оглед на независноста во енергетскиот систем, но во исто време е рамковна и флексибилна со што се создава можност најдобриот реагенс да се користи во најдобро време и доколку не е потребен воопшто да не се користи. Исто така, важно е да се спомене дека АД ЕСМ склучувала договори со Марковски компани и во минатото, односно од пред 2007 година без оглед на политичките и раководните структури во Владата и во раководството на АД ЕСМ“, соопштија од АД ЕСМ.
На последниот тендер вреден 46 милиони евра, како што објави КОД, се избрала најскапата понуда на Марковски Компани и покрај тоа што на него учествувале три фирми.
ВМРО-ДПМНЕ денеска праша каде завршуваат 30% од тендерите во РЕК?
„Власта мора да каже зошто е изберена поскапата понуда и дали во џебовите на луѓе од власта завршуваат овие 30% од тендерот?“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
И Пелистер и Гранит поднеле жалби на тендерот кој го доби Марковски Компани, кои потоа биле отфрлени како неосновани.
Марија Митевска













