Она што до пред неколку години изгледаше како исклучок, сè почесто станува дел од земјоделската сезона. Периоди без доволно вода, високи температури и нагли промени на времето директно се одразуваат врз растот и квалитетот на земјоделските култури.
За производителите тоа значи повеќе вложувања, а не секогаш и поголем принос. Напротив, дел од родот се губи, дел излегува со послаб квалитет, а трошоците за наводнување и заштита растат.
- „Покрај тоа што самиот земјоделски производител има проблем со пласманот на своите производи, јас многу пати сум го рекол претходно тоа, дека најголемиот проблем во своето производство го има баш во климатски фактори бидејќи сведоци сме веќе се помалку имаме водни количини коишто во текот на целото производство му се потребни на самата култура, меѓутоа исто така ќе се соочиме и со доста високи температури, кои ќе влијаат штетно на самото производство така што мора да бара начин како и што понатаму,“ смета Ристо Велков, агроном и земјоделец.
Земјоделското производство затоа постепено се менува. Она што порано можело да се планира според вообичаени временски услови, денес бара дополнителна заштита и прилагодување. Заштитни мрежи, поефикасно наводнување, промена на сортите, па и избор на култури кои подобро ги поднесуваат новите услови.
- „Би требало да се адаптира во тоа што го бараат самите климатски фактори. Така што и самиот производител треба да се адаптира во тој начин на производство,“вели Ристо Велков, агроном и земјоделец.
Но, земјоделството е само едната страна од проблемот. Климатските промени се поврзани и со начинот на кој се произведува и користи енергијата. Еколошките организации предупредуваат дека согорувањето на фосилните горива, особено јагленот и фосилниот гас, е еден од значајните извори на емисии што го засилуваат глобалното затоплување.
- „Согорувањето на фосилните горива, особено јагленот и фосилниот гас, е значаен извор на емисии што ги поттикнуваат климатските промени. Затоа, преминот кон чиста енергија е важен и за иднината на земјоделството и локалните заедници. Праведната транзиција значи постепено напуштање на јагленот, избегнување нова зависност од фосилен гас и инвестиции во обновливи извори, нови работни места и поддршка за луѓето и регионите погодени од транзицијата. Со навремено и добро планирање, можеме да го намалиме климатскиот ризик и истовремено да создадеме поотпорни локални економии,“ велат од Еко свест.
Земјоделците веќе се прилагодуваат на условите кои се менуваат од сезона во сезона. Но, нивите не можат бесконечно да ги надоместуваат последиците од сушата, високите температури и нестабилното време. Колку брзо ќе се прилагодат земјоделското производство, енергетиката и државните политики, ќе зависи и од тоа колкава ќе биде цената на храната, но и дали земјоделецот во иднина ќе може да произведува под услови кои се сè потешко предвидливи.
Сузана Мицева












