Нов долг од околу 30 милиони евра натрупале Општините за една година. За три месеци пак се зголемил за нешто над 7 милиони евра. Ова може да се види од најновите квартални податоци од Министерството за финансии.
Заклучно со јуни годинава Општините имаат доспеани, а неплатени обврски од над 93 милиони евра, додека оваа бројка лани во тој ериод изнесувала над 64 милиони евра.
Со најголем долг на списокот се најде општина Гостивар. Во нивната каса заклучно со јуни има доспеани, а неподмирени обврски од скоро 15 милион евра. Веднаш зад нив е Тетово со нешто помал долг.
Расте долгот и на Општинските јавни претпријатија. Заклучно со јуни тој изнесува над 110 милион евра.
Овој проблем на општините, но и на другите јавни и државни претпријатија се провлекува веќе подолго време.
Од врвот на листата должници на финансии никако да се симнат железничките претпријатија. Со најголем долг од над 90 милиони евра е МЖ Инфраструктура и со оваа бројка го држи првото место, а веднаш зад нив е МЖ Транспорт со нешто помал долг. Во првата петорка е и најголемиот производител со струја ЕСМ, со доспеан, а не подмирен долг од над 33 милиони евра. Но и СОЗР на Клинички.
На долгата листа должници се речиси сите Општини, јавни претпријатија, училишта, министерства, па дури и развојната банка. Вкупно, заклучно со јуни накалемиле долг од скоро 700 милиони евра, или за само три месеци тој пораснал за над 17 милиони евра.
Пред извесно време од фискалниот совет препорачаа во јавниот долг да биде вклучен и долгот на јавните институции и претпријатија согласно методологијата на ЕУ, но и предупредија и дека ако се направи тоа тогаш и јавниот долг ќе достигне до 62 отсто од БДП.
За време на претходната Влада општините добија над 50 милион евра да ги покријат долговите, а се споменуваше и приватизација за одредени државни институции.
Оваа Влада пак од кредитот од Унгарија за кој се најави дека ќе се отвара истрага им дадоа на општините 250 милиони евра за капитални проекти, но финансиските проблеми никако да се намалат.
Ирена Чачкова












