Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Парното пред ново поскапување – четири компании бараат корекција на цената до крајот на годинава

/

Економија

Сподели преку :

Се бара нова корекција на цената на парното. Ова за Телма го потврдија и од Регулаторната комисија за енергетика и од ЕСМ.

Од РКЕ велат дека сите четири компании,  ЕСМ Производство, снабдување, дистрибуција и фирмата Енерџи Еколонг – поранешна Скопје Север  поднеле барање за ново зголемување на цената. Како главна причина за ваквиот потег од ЕСМ го посочуваат поскапувањето на гасот.

„Истите се однесуваат за ревидирање на цената за топлинската енергија што е донесена во јули, а е на сила од 1 август 2026 година. Како причини за доставување на новите барања компаниите ја наведуваат високата цена на природниот гас“, велат од Регулаторна комисија за енергетика

Сега, останува регулаторите да пресечат, откако ќе ги разгледаат барањата на компаниите. Пресметката на ЕСМ покажува дека цената на гасот во октомври е зголемена за околу 60 отсто, во однос на одлуката за цената донесена во јули.

„Висината на евентуалната промена на цената зависи од повеќе фактори, при што клучно влијание има цената на гасот на берзите. Актуелните прогнози укажуваат на раст на цената на природниот гас, пред сè како резултат на тековните геополитички случувања на Блискиот Исток кои предизвикуваат нестабилност на глобалните енергетски пазари“, соопштија од ЕСМ.

 Ако евентуално дојде до поскапување, тоа ќе биде трето годинава. Во јануари цената се зголеми за 5 отсто. Тогаш се зборуваше дека е неопходно за инвестиции на компанијата за да се санира мрежата и да нема протекувања и проблеми. Потоа на крајот на јули регулаторна донесе одлука цената да порасне за скоро  6 отсто.

Останува да се види дали граѓаните во екот на грејната сезона ќе се соочат со уште едно зголемување. Во меѓувреме цената на гасот на берзите е речиси 90 евра за мегават час, највисоко во однос на декември 2022  – кога беше претходната енергетска криза.

Ирена Чачкова