Иако се најавува зголемување на цената на нафтата, сепак во регионот имаме најевтини горива, а инфлацијата е стабилна, вели министерот за економија. Тој посочува дека прехранбените производи поевтинуваат два последователни месеци, па ќе се следи состојбата и ќе се интервенира соодветно со мерки доколку се јави потреба или се забележи неоправдано покачување на цените од страна на трговците.
„Се најавува дека ќе има зголемување на цената на нафтата, но знаете дека во регионот имаме најевтина цена на нафтата, така да сега за сега стабилна е ситуацијата. Ако на светските берзи се зголемува цената на нафтата, нормално дека тоа ќе влијае врз другите цени и ние анализираме и правиме контроли со Државниот пазарен инспекторат на целиот синџир. Така да, ги контролираме, ако има девијантно однесување тогаш ќе донесеме одлука како што сме постапиле во минатиот период. Сега за сега имаме стабилни цени. Кога се зголемуваат цените на горивото, нормално дека се зголемуваат и трошоците на прехранбените производи. Тоа е поврзано, не може да бегаме од тоа. Но, ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме, можностите, ќе интервенираме ако се зголемува бруто профитната маржа“, вели министерот за економија Бесар Дурмиши.
Сепак, иако инфлацијата во јули забави на 2,3 отсто на годишно ниво, многу од прехранбените производи и натаму бележат повисоки стапки на раст на цените. На пример, месото е поскапо за 6,6%, млекото и јајцата за 4,4%, маслото за 6,75%, па дури и водата е поскапа за 3,2%, пресмета Државниот завод за статистика.
Дурмиши вели дека засега трговците генерално го почитуваат Законот за забрана на нефер трговски практики, но имаат и свое барање – повторно да им се дозволи да ги враќаат непродадените производи чиј рок истекува, бидејќи со актуелните правила не може да го прават тоа.
Министерот најави средба со нив во наредниот период на којашто ќе се разгледа конкретното барање, но претходно ќе се провери колкави се реалните загуби на трговците од непродадените производи.
Во меѓувреме, веќе е во сила училишната кошничка, а Државниот пазарен инспекторат од понеделник ќе почне со теренски проверки дали трговците навистина ги почитуваат мерките и соодветно ги намалиле цените на училишниот прибор.
Мирјана Јовеска












