Видеата траат по 90-тина секунди, а првото на јутјуб страница на владата на плејлистата „Проекти за трајна промена“ е објавено пред 9 месеци. Некои видеа немаат ниту еден преглед, некои клипчиња се измонтирани фотографии, а сите се дел од веќе завршениот тендер за фото, видео и текстуално следење на фазите на владините проекти за што лани тендерот како единствен понудувач го доби фирмата Фрајдеј комуникации за над 380 илјади евра. Според јавно достапната документација, едно видео чини 250 евра плус ДДВ, за една фотографија се плаќало по 25 евра плус данок и за една комуникациска кампања биле предвидени околу 25 илјади евра. Телма упати прашања до владата, колку досега пари се исплатени по тендерот и што се е реализирано, а во одговорот не беше прецизирана досега исплатената сума тука само процент од сработеното.
„Следењето на реализацијата беше организирано во три фази, почетна, работна и завршна фаза. За секој проект се подготвуваше визуелна и текстуална документација, со фотографии, видео материјали и информации за проектот, неговата финансиска конструкција, опфатот, фазата на реализација и постигнатите резултати. Од предвидените активности во рамки на првиот договор реализирани се приближно 95 проценти од договорениот обем“, велат од Владата.
Видеата се објавуваат на јутјуб каналот на владата како посебна плејлиста и на неа има вкупно 434 клипови. Според договорот со Фрајдеј, требало да има 900 видеа или двојно повеќе. Истата фирма на први септември, со првото училишно ѕвонче доби уште еден тендер за иста намена, а цената е помала и изнесува 345 илјади евра. Опозицијата обвинува дека станува збор за партиска и владина промоција како предизборно загревање, додека владата негира и тврди дека со прокетот и посебната веб страна за проекти се нуди транспарентност за потрошените пари и реализацијата на проекти.
„…Треба да се постави прашањето зошто некому му пречи јавноста да знае што се гради и како се трошат средствата. Проектите се на граѓаните, средствата се јавни, а информациите за нивната реализација треба да бидат достапни за сите. Тоа не е политичка промоција. Тоа е транспарентност“, велат од Владата.
Фирмата која е единствен понудувач и ги добива тендерите е во сопственост на скопјанецот Марко Костадиновски и неговото здружение „Нова перспектива“. Иако се шпекулира бугарска сопственост во фирмата, партнерот од Бугарија ја напуштил сопственичката структура во 2024-та по промената на власта и пред да ги одбие двата тендери. Како критериумите на тендерот, 60% тежел квалитетот, а 40% цената, но засега нема проценка за квалитетот на сработеното од првиот тендер.
Миомир Серафиновиќ













