Илустративна фотографија / Pixabay
Иницијативата за изградба на Дата-центар во пехчевското село Панчарево, денеска треба да се најде на дневен ред на Советот на општината.
Советниците всушност, ќе одлучуваат за иницијативата која е поднесена до Општина Пехчево за изработка на Урбанистички проект за објект со намена за чување и складирање на дигитални податоци на пет парцели.
Но, инвеститорот се’ уште не е познат, а тоа предизвика реакции и од граѓанската јавност и од партиите кои се сомневаат дека ваквиот проект ќе ја загрози животната средина.
Иницијативата „Зелена народна стража“ реагира дека не само што не е објавен инвеститорот, туку не се знае и колку изградбата на овој објект би ги чинела граѓаните, но и како таа би влијаела врз нив, па и врз природата.
Во експресен можен рок, Владата ги изгласа измените на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање – дата центрите стануваат објекти од национално значење, и е воведена забрзана постапка во која стручна ревизија и јавна анкета не се задолжителни – се вели во реакцијата.
Граѓанската иницијатива „Зелена народна стража“ го прозва градоначалникот Александар Китански да одговори кој сака од „зелената оаза на Македонија, да направи пустина“?
Меѓу граѓанските реакции на социјалните мрежи, се бараат информации за тоа зошто е избрана оваа локација од Малешевијата, но истовремено, локалните жители забележуваат дека процесот се одвива без студија, без анализа и без јавна дебата.
Преку писмени соопштенија, веќе реагираа и дел од партиите кои бараат советниците да гласаат против одлуката за дата-центри.
„Недозволиво е за проект со потенцијално сериозно влијание врз водата, енергијата, природата и локалната заедница да се одлучува зад затворени врати, без доволно информации, јасни анализи и вклученост на експертите граѓаните“, велат од партијата ДОМ од каде додаваат дека „дигиталниот развој не смее да биде изговор за нетранспарентност и игнорирање на јавниот интерес“.
Во својата реакција, партијата Левица пак, предупредува дека ваквиот објект би можел да биде огромен потрошувач на електрична енергија и вода.
„Китански треба да објасни зошто Пехчево треба да го става својот простор, електричната енергија, водата и инфраструктурата во функција на дата-центар, наместо тие ресурси да се насочат кон развој што ќе носи реална и трајна корист за локалното население. Ако станува збор за инвестиција што наводно ќе му донесе развој на Пехчево, нека покаже колку работни места ќе останат по изградбата, колку приходи ќе има општината, колку струја и вода ќе се троши и колкав ќе биде јавниот трошок за нејзиното функционирање – велат од Левица.
Иницијативата за изградба на дата – центар доаѓа неколку месеци по најавата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски дека со измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење ќе се овозможи изградба на дата-центар во земјава. Тој изјави дека со овие измени ќе се привлечат нови инвестиции, ќе се отворат нови работни места, но ќе се следат и светските трендови во развојот на вештачката интелигенција. Ваквата најава сепак ги загрижи еко-активистите за потенцијалните последици по животната средина.
„Иако дата-центрите при изградбата бараат значителен број работници, по пуштањето во употреба тие вработуваат едвај 30 до 50 луѓе (главно за обезбедување, техничко одржување и систем-администратори), а најголемиот дел од заработката завршува кај странските технолошки компании, додека за државата остануваат трошоците за ресурсите и евтиното отстапување на земјиштето, што претставува типичен пример за економски екстрактивизам“, „реагираа од Зелен хуман град“ во јуни, обвинувајќи при тоа дека, регулативите за заштита на животната средина постојат само формално.













