Основното јавно обвинителство донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против приведениот шофер во Службата за општи и заеднички работи на Владата поради основано сомнение за, како што се вели во соопштението, „Примање награда за противзаконито влијание“.
„Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари. По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани“, стои во соопштението на обвинителството.
Судијата на претходната постапка, по барање на јавниот обвинител, му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Одлука е образложена со постоење на околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и околности што го оправдуваат стравувањето дека може да го повтори кривичното дело.













