Националниот конзерваторски центар Скопје нема законска надлежност да оценува веќе преземени превентивни мерки за заштита, спроведени од друг надлежен субјект. Ова е одговорот од Конзерваторскиот центар до Управата за заштита на културното наследство, откако таа му даде рок од три дена да утврди дали челичните конструкции што се поставуваат на споменикот „Македониум“ во Крушево, го оштетуваат објектот и дали се прифатливи од стручен аспект.
„Центарот нема законска надлежност да врши верификација или оценување на веќе преземени привремени мерки за заштита, спроведени од друг надлежен орган. Поради тоа не може да ја потврдува или да ја оспорува нивната стручна оправданост, туку ќе постапува исклучиво во рамките на своите законски овластувања“, рече Александар Јорданоски, директор на Национален конзерваторски центар Скопје.
Во барањето од Управата не добиле никаков документ како прилог, ниту пак можат да ја добијат документацијата од Завод и музеј Прилеп, под чија надлежност е споменикот, поради годишните одмори на директорката и раководителката на Секторот за превентивна заштита, дополнува Јорданоски.
„Управата за заштита на културното наследство го задолжи Националниот Конзерваторски Центар да ги провери челичните конструкции, откако нивни инспектори по реакциите во јавноста, неделава беа на терен и констатираа дека интервенцијата е незаконска, дека Управата не дала одобрение и дека единствено што е издадено од нив лани е решението за прогласување на споменикот за културно добро во опасност“, кажа директорката Честоева.
А, од Заводот и музеј Прилеп рекоа дека оваа интервенција е времена превентивна заштитна мерка, дадена во точка 2 од решението за прогласување на доброто во опасност, пристигнато од Управата и дека кога културното наследство е во опасност, согласно членовите 43 и 59 од Законот за заштита на културното наследство, не е потребно конзерваторско одобрение, зашто не се работи за конзервација, реставрација и санација на објектот.
Челичните конструкции што се поставуваат против деградација на споменикот од атмосферски влијанија ќе бидат наместени на осум галерии со стакло и витражи до 1 август. Чинат 89.500 евра.
„Македониумот“ е споменик од прва категорија, откриен во 1974 година. Негови автори се архитектите Јордан и Искра Грабул.
Сотир Трајков













