Вести Македонија Топ вести

Нашите државјани сѐ уште заглавени во Украина, студентите нудат помош за украинските колеги

Четири дена по десет часа во автомобил. Вака му поминуваат првите денови од животот на бебето Симеон, кое се роди пред само десет дена, во еден од најпогодените градови во инвазијата, Харков. Со семејството се` уште не се излезени од Украина, а веќе четири дена патуваат со конвој што се движи многу бавно, по споредни патишта, кои треба да ги однесат на безбедно во Молдавија.

Тешко оди евакуациајата и на останатите македонски државјани, кои останаа заглавени во неколку украински градови.  Во Украина се врати и амбасадорот Крум Ефремов, кој едвај беше извлечен од Киев. За разлика од другите амбасади, кои своите дипломатски претставници ги извлекоа на безбедно, но останаа во пограничните делови на Украина, за да можат да ги евакуираат сите свои сограѓани, нашиот амбасадор се врати дома. Но, по реакциите на Македонците заглавени таму, дека сега нема ни кому да се обратат, за три дена беше вратен назад. Ефремов и уште еден искусен конзуларен работник, сега треба да го водат процесот на терен и да асистираат при евакуацијата.

Од МНР информираа дека 50 македонски државјани се` уште се на украинска територија. Од нив, 25 ги имаат напуштено резидентните места, и во моментов се упатени низ утврдени безбедносни коридори. Но, движењето низ Украина е сериозно отежнато и се одвива по споредни рути кои се преполни, затоа што Украинците се` уште во масовен број ја напуштаат државата.

Нашите институции се` уште ги пребројуваат капацитетите, но од вчера се шпекулира дека, во Македонија веќе пристигнале бегалци од Киев кои се сместуваат кај роднини и пријатели. Од МВР немаат информација за бегалци. Нивната база на податоци покажува дека, од 21 февруари до денеска, на македонската граница влегле 398 Украинци, а излегле 309, што е вообичаена бројка на  украински државјани кои ја преминуваат нашата граница.

Во меѓувреме, Универзитетското студентско собрание на УКИМ, иницираше помош за сместување на студенти од Украина во студентските домови во земјава, но за својот предлог  чекаат одобрение од надлежните институции.

Бројот на бегалци од Украина веќе надмина еден милион. Од Обединетите нации соопштија дека ова е најбрзото раселување на бегалците во овој век.

Во Чешка денеска е прогласена вонредна состојба поради големиот прилив на бегалци. Во Бугарија пристигнале 20.000 бегалци, а во следните денови се очекува поголем бран.Карактеристична е бројката со бегалците во Романија, каде што се проценува дека околу 140.000 Украинци побегнале во првите седум дена. Но,  над 88.000 од нив веќе ја напуштиле оваа држава. Речиси 454.000 луѓе отишле во Полска. Бегалци примаат и Унгарија, Словачка и Молдавија, а веќе и во Германија се пристигнати 5.000 лица.

Во вкупниот број спаѓа и бројката од 150.000 бегалци кои изминативе денови влегле во Русија.

Далиборка Дамјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Сува трева и грмушки горат кај Пробиштип, Куманово и Петровец

Дејан Дејан

Песков: Не е можно замрзнување на конфликтот во Украина

Дејан Дејан

Притвор од 72 часа за македонската државјанка која прегази куче во Црна Гора

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе