Доцнење на повеќе линии во скопскиот јавен превоз се предизвикани од сообраќајните контроли за техничка исправност на автобусите, минибусите и комбињата со кои се врши превоз на патници.
Од МВР за Телма одговорија дека се прави контрола на сите возила со кои се врши превоз на патници, а дека во текот на денот на технички преглед биле пратени вкупно 11 возила на ЈСП.
За 5 возила на ЈСП се утврдени неправилности, ни изјавија од прес службата на МВР.
Од ЈСП претходно изјавија дека до пладне на технички преглед биле пратени вкупно 7 возила (5 двокатни автобуси „јутонг“, 1 минибус/комбе „јутонг“ и 1 комбе „Ивеко“ биле пратени на технички преглед, а веќе две се вратени назад на линиите.
-ЈСП Скопје нема информација колку вкупно возила од јавниот превоз се исклучени од сообраќај, односно испратени на технички преглед, со оглед на тоа дека јавниот превоз во Скопје го сочинуваат ЈСП Скопје и приватните превозници („Слобода превоз“ и „Мак експрес“), ни одговорија од ЈСП од каде наведуваат дека градското претпријатие има увид само во сопствениот возен парк.
Многу граѓани се жалеа дека градските автобуси им доцнат или се прескокнуваат определени термини на возниот ред. Дел од проблемот е поради техничките прегледи и сообраќајните контроли на автобусите кои зачестија. Се контролираат и приватни автобуси,а на тој начин се создава дупка во термините.
-ЈСП Скопје, ја следи состојбата на терен и по потреба, по исклучување на некое возило заради технички преглед, реагира навремено со испраќање т.н. заменско возило како би се избегнала „дупка“ во возниот ред на линиите кои ги опслужуваат возила на ЈСП, ни одговорија од скопското јавно претпријатие.
Гледачи на Телма пак се пожалија дека иако ретки, автобусите на ЈСП на приградската линија за Раштак и Булачани се уште поретки и дека тоа им се случува почесто.
Станува збор за линијата 65, а граѓаните за денеска рекоа дека иако термините на овој автобус се на 2 и пол часа, денеска бил прескокнат претпладневниот термин. Истото според нив се случувало и порано.
Од ЈСП ни објаснија дека поради корона-изолациите на возачите или возила на технички преглед се појавува потреба да се прескокне термин во превозот, но тогаш се бираат линии и термини кои според системот за наплата со валидација имаат најмалку патници.