Денеска во 11 часот започнува собраниската седница а најдоцна пред полноќ треба да се гласа за доверба на Владата на премиерот Зоран Заев.
И покрај најавите за мнозинство за гласање недоверба на Владата на Заев, неизвесно е како ќе помине гласањето. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Беса, која беше во коалиција со СДСМ. По реакција на пратеникот Скендер Реџепи Зејд од Алтернатива, својот потпис вчера од иницијативата ги повлече претседателот на Левица Димитар Апасиев, но и 16 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Собранието да ја изгласа одлуката за недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот. Но, останува да ја извршува функцијата се до изборот на нова Влада.
На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера не излезе со свој став или толкување во врска со повлекувањето на 17 потписи од Иницијативата, како и дали тоа ќе се одрази на собраниската седница. Претходно во телевизиско интервју тој потенцира дека процедурите се јасни.
-Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање за недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена, рече Џафери.
Според Џафери, премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев направил добро што не се повлекол од функциите. Заев најави оставка на функциите премиер и претседател на СДСМ на 31 октомври по лошите резултати на локалните избори.
– Не треба да се води од моментални емоции. Треба да се координира и да продолжи да ги води институциите. Не треба да носи емотивни одлуки, има одговорност да ја води Владата. Институциите треба да функционираат нормално. Ова е враќање назад. Правиме еден чекор напред, два назад, рече Џафери.
Откако Алтернатива објави дека ќе гласа против актуелната Влада, Премиерот Заев доцна синоќа во зградата на Илинденска ги повика коалициските партнери.
БЕСА не биле на средбата, а останатите се убедени дека опозицијата нема мнозинство за утре да ја урне владата.
Горан Милевски од ЛДП, во разговор за Телма, не објасни на што ги темелат ваквите очекувања и повика на трпение.
