На повикот за набавка на мазутот за ТЕЦ Неготино се јавила и фирма без вработени и без деловна активност. Од ЕСМ за Телма соопштија дека понуда доставиле две компании, ОКТА и Компакт Енерго ОИЛ. Но, од податоците на Бизнис мрежа може да се види дека ,Компакт е основана во 2024 година, нема вработени, нема деловни активности. Како сопственици се јавуваат Сашо Костовски и Душко Травар. На јавниот повик не понудиле ниту цена, а немале ниту банкарска гаранција.
ОКTA пак понудиле попуст од 0,847 денари на регулираната цена на мазутот која ја утврдува РКЕ, а која последно изнесува 48,1 денар за килограм. За транспорт пак на мазутот до термоцентралите дале цена од 1,3 денари за килограм. Сега, на ред е комисијата да ги разгледа и оцени понудите, па да се донесе одлука кој ќе го обезбеди мазутот за Неготино. Овој јавен повик беше објавен на 16 ноември, но отворање на понуди беше пролонгирано двапати
За ТЕЦ Неготино ЕСМ бара 45 илјади тони мазут, а според бројките во тендерската документација ЕСМ за овој повик има предвидено над 42 милиони евра со вклучен ДДВ. Испораката на мазутот би се вршела според потребите на купувачот. Инаку, ТЕЦ Неготино повторно се враќа во функција, по пауза од околу три години, односно последно работеше за време на претходната енергетска криза откако претходно беше ладна резерва скоро 10 години.
Премиерот Мицкоски пред извесно време кажа дека цената на струјата од оваа централа би се движела до 175 евра за мегават час, што е понискa од онаа на берза која надминува и 300 евра. Но, додека стартува Неготино, во меѓувреме ЕСМ празнините во домашните потреби од струја ги пополнува со набавки. Па, така, за над 70 илјади мегават часови ќе потроши над 17 милион евра за да покрие 20 тина дена.












