Кристијан Корабоски, кој се гони за три кривични дела, откако ја претепа неговата 26-годишна девојка, Сара Георгиевска, денеска не беше во судница и не се појави на рочиштето.
Образложението на судијката, по завршувањето на рочиштето, било дека тоа го направил за да не се соочи со жртвата.
За разлика од Корабоски, неговата жртва, Сара Георгиевска, со видливи модринки на лицето , се појави во судницата.
Судскиот процес не започна, бидејќи и одбраната на обвинетиот Корабоски барала изземање на целото обвинителство во Охрид, како и изземање на судиите, па сега ќе треба вишото обвинителство и Апелациониот суд да донесат одлука, дали тие ќе бидат изземени или не.
Рочиштето се одложи за 1 декември.
Според Ѓоко Шаин, адвокатот на Сара Георгиевска, обвинетиот иако не се појавил на почетокот на судскиот процес против него, бил присутен во притворското одделение.
„Мислам дека заради одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста која ја има обвинетиот, Кристијан Корабоски. Еве видовте, не беше присутен во судницата, тој беше присутен во судот, во притворското одделение. Обвинетиот мора да се појави. На наредното мора да се појави, да биде присутен тука“ – вели Ѓоко Шаин.
Според информациите на новинарката на Телма, Марија Митевска, која известува од Охрид, ниту обвинителот во процесот против Кристијан Корабоски, не се побунил зошто тој не е донесен во судницата а и самиот доцнел 40-тина минути.













