По осум месеци од формирањето на работната група за измени на осум закони за подобрување на заштитата од насилство врз жените, досега не е усвоена ниту една законска измена. Од предложените измени, само еден закон е доставен до Собранието, но и тој сè уште не е усвоен, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација која е иницијатор на кампањата „Ѕид на срамот“…
Преку јавни прашања упатени до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, тие бараат одговорност за досегашниот застој и конкретни информации за преземените активности. Од Тошковски бараат да се заложи за усвојување на предложените законски измени до 10 декември, како и јавно да објави конкретни рокови за подготовка и доставување на измените на останатите седум закони во Собранието…

Министерот Тошковски пак најави нови проекти за кое вели дека ќе помогнат во намалување на ваквите случаи. Тој рече дека полициските службеници ќе бидат задолжени да носат боди камери и доказниот материјал ќе биде искористен од обвинителството. Ова според Тошковски ќе овозможи многу полесно да се докаже вина но и да се ослободи невиниот.
Покрај аудио, Тошковски најавува и видео снимки. Секој кој е жртва на насилство, кој е во кризна сосотојба, повреден во сообраќајна несреќа ќе може да стапи во видео контакт со МВР, со болници, пожарна, а доказниот материјал ќе може да се користи во кривични постапки.













