Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

КОД: На суд Груби обвинет, во Службен Весник во координација на тајните служби- како предлог законот на МВР откри „опашки“, недоверба и пропусти во менаџирањето со Разузнавање и АНБ

/

Македонија

Сподели преку :

Во текот на неделата, Артан Груби, поранешен вицепремиер, сега обвинет за Лотарија, првпат слободен и сам стигна во судот и седна на обвинителна клупа. Иако не е на функција, иако прво избега од истрагата, па се врати,па беше обвинет и му заврши куќниот притвор, цело време тој според се уште важечко решение е член на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Ова откритие дојде откако минатиот четврток, владата односно МВР до Собранието достави предлог закон за престанување на важење на Законот за координација на безбедносните агенции.

Во предлогот е наведено дека кога законот ќе биде усвоен ќе биде укинато решение на владата од февруари 2024-та години за составот на Советот за координација на службите, тело кое е политичко и главно во овој систем.

Кога ќе се отвори Службениот весник посочен во предлог законот излегува составот на Советот, и во него стојат 8 имиња, меѓу нив и тоа на Груби, а единствен актуелен функционер кој според позицијата е поставен во Советот, е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Составот на Сиветот кој треба да се укине е всушност направен од техничката влада пред последните парламентарните избори.

Две години и 8 месеци подоцна, тоа решение според предлог законот се уште важечко бидејќи не е укинато, па така во него е Артан Груби, трите поранешни директори на тајните служби, Зарко Милошевски, Еролд Муслиу и Никола Кискоски, како и двајца сегашни опозициски пратеници.

И вториот документ кој ќе биде укинат кога пратениците ќе го усвојат законот исто така го има Груби, тоа е од 2020-тата година кога е направена новата влада по корона изборите. Според тие документи, излегува дека иако пред повеќе од две години, Груби не е на функција, сепак останал во документите како функционер и дека е дел од Советот за координација на разузнавачките агенции.

КОД контактираше со двајца функционери кои според законот се членови на Советот за координација. И двајцата неофицијално ни потврдија дека од кога се на позициите немало и не присиствувале на Советот. Или во превод повеќе од две години немало состанок или седница на тој Совет, а сега МВР утврди дека не е потребен и не ја исполнува функцијата, па преку предлог закон бара укинување на телото ставено под тепих, на Илинденска.

8-мината за Координација неназначени

Советот за координација е регулиран со истоимениот закон донесен во 2019-та во рамки на реформите на тајни служби по големиот скандал со масовното прислушување преку УБК. Во Советот членуваат 8 државни и разузнавачки официјални лица, премиерот, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, директорите на АНБ и на Агенцијата за разузнавање и раководителот на военото разузнавање. Во моментот во владата нема вицепремиер за рамковен договор, Беким Сали е за европски прашања,, а само за политички систем е Љупчо Димовски. Но, и без оваа недоследност- нивните функции немаат врска бидејќи Советот ниту бил оформен ниту работел повеќе од две години.

Трите најважни законски надлежности на Советот се да ја координира работата на безбедносно-разузнавачките служби, да ги – ги разгледува и проценува безбедносно-разузнавачките закани и ризици за националната безбедност и да дава насоки и донесува заклучоци за начинот на заштита и остварување на националната безбедност.

Доколку нема нов Совет со актуелни функционери и директори и немало средба, прашањето е кој ги презел и спроведувал овие законски надлежности. Законски Советот мора да држи седници минимум еднаш на три месеци или по потреба и побрзо.

КОД постави повеќе прашања до владата за функционирањето на Советот и за предлогот за законско укинување на координацијата на тајните служби, но не добивме одговор до монтирањето на прилогот.

КОД објави прилог за спојување, па беше пуштен предлог за укинување

на координација на службите

КОД пред две недели објави прилог со своите сознанија за се уште тајните реформи на тајните служби, иако функционер во владата тврдеше за КОД дека нацрт законите се готови, предлагаат спојување на тајните служби, враќање на некои полициски овластувања на контрарзузнавачки агенти, како и еластични правила за избор на нов директор на наовата тајна служба со што наместо професионалец од службите би се овозможило назначување на економски менаџер или политичко-партиски функционер.

Од прес службата на владата ниту тогаш не одговорија на прашањата на КОД. Четири дена по емитувањето на емисијата, МВР до Собранието го достави предлог законот за укинување на координацијата на тајните служби, што во јавноста беше протолкувано како почеток на реформите за спојување на двете агенции, АНБ и разузнавање во една. Од владата не ни одговорија, но на новинарско прашање за укинувањето на координацијата, премиерот тврдеше дека истекол законскиот рок и вети јавна дебата за новите законски решенија, кога ќе бидат готови.

-Не, истечен е рокот, законски, и тоа е законска процедура. А, инаку, да, ќе има реформи во службите кои ги најавуваме ние, одговори Христијан Мицкоски, претседател на владата.

Новинарско прашање: Кога може да очекуваме?

Мицкоски: Па се уште се работи процесот, кога ќе отпочне, ќе има јавна дебата, тој процес ќе трае со месеци и нема ништо да биде скриено од јавноста.

Во предлог законот не е наведен истечен рок како причина за укинување на координацијата туку уште нешто пострашно.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ПРЕСТАНОК НА ВАЖЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА КООРДИНАЦИЈА НА БЕЗВЕДНОСНО-РАЗУЗНАВАЧКА ЗАЕДНИЦА (БРЗ): Оценка на Министерството е дека Законот за координација на безбедносноразузнавачката заедница во Република Северна Македонија е системски правилно поставен и концепциски усогласен со ЕУ и НАТО стандарди, меѓутоа неговата имплементација во пракса е ограничена. Неговата ограничена имплементација е резултат на институционална недоверба, претесен опфат и недостиг на оперативен капацитет.

Прашавме во МВР кое е предлагач на законот и утврдил недоверба меѓу институциите во Советот, прашавме дополнителни- за што точно станува збор, кој е иницијатор на таквата недоверба, АНБ или Агенцијата за разузнавање и како сето то влијае врз активностите за зачувување и одржување на националната безбедност. Добивме одговор без детали.

ОДГОВОР НА МВР: Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по заклучок на Владата, оцени дека е потребно да се изготви Предлог-закон за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, при што ставот на Министерството е образложен во доставеното мислење.

Нема објаснување дали проблемот е меѓу тајните служби или меѓу политичката заедница и разузнавачката заедница во Советот за координација. До МВР поставив и прашање: Дали тоа што МВР утврдил институционална недоверба влијаело да се реализира бегство на Ива Михаилова, но и спречување на други анти државни активности? Немаше директен одговор.

ОДГОВОР НА МВР: Во врска со случајот за Ива Михајлова, Ве информираме дека истрагата е во тек и се преземаат сите неопходни мерки и активности за утврдување на фактите и околностите. По завршување на истрагата, јавноста ќе биде навремено информирана.

Молк за институционална недоверба во тело кое не функционира две години

Сега нема детали за институционална недоверба во тајните служби, но Советот и целиот закон се мачеше да профункционира, а со истиот закон кој сега се укинува требаша да се реши еден од најголемите проблеми- координацијата на тајните служби. Сега без тој закон, единствен заклучок е дека се оди кон спојување на АНБ и разузнавање во едно -иако надзорот и контролата не се изградени до крај.

-Со последните реформи во 2018-та, повторно, се воведе Оперативно техничка Агенција (ОТА), а во 2019-та Агенција за национална безбедност (АНБ) и формиран е Совет за координација на безбедносно-разузнавачка заедница, под ингеренции на претседателот на владата. Што на некој начин, може да кажеме дека слабост е во овој дел, во координацијата. Со формирање на една единствена служба, ќе ги немаме овие слабости, ова меѓуинституционална соработка, ќе има подобар проток на информации, подобра аналитика на информации, вели Марјан Николовски Професор на факултет за безбедност и автор на книги и учебници за безбедносните служби и безбедносната структура во Македонија.

-Е сега постои опасност од поголема концентрација на моќ, да не ни се случуваат овие афери како досега. Но, клучното е тука, таа контрола врз новата безбедносна служба, надзорот како што функционира во другите држави. И тоа да не биде про-форма надзор затоа што сведоци сме на собраниските комисии во контрола врз овие безбедносни служби. Треба да имаме вистински надзор, со вклучување и на Советот за граѓански надзор и да имаме надзор кој ќе биде ефективен, ефикасен и транспарентен пред се, дополнува Николовски.

Со законот е предвидено да функционира и Канцеларија за координација, во составот се по двајца аналитичари од сите три служби и секретар на Канцеларијата и должност им е да подготвуваат анализи за Советот, но и за активности на тајните служби. Тие се односно треба да бидат на директна врска со раководството на трите агенции. Со законот ги укинуваат и нив, но парадоксот е што всушност требаше да им се зголемат работните обврски.

Прво предлог за ширење на составот на координацијата, потоа целосно бришење

Владата во планот за работа за 2025-та наведува дека во декември лани треба да се измени Законот за координација на тајните служби. И дури да се прошират неговите активности.

ТЕЛОП ОБРАЗЛОЖЕНИА ЗА ИЗМЕНИ НА ЗАКОН ЗА КООРДИНАЦИЈА НА БРЗ (ПЛАН НА ВЛАДА ЗА 2025-ТА): Со измените на Законот за координација на безбедно-разузнавачката заедница се предлага вклучување на Бирото за јавна безбедност при МВР, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Царинската Управа, со цел за обезбедување на навремени и точни информации за идентификување, спречување или намалување на ризиците од закани по националната безбедност. Воедно, законските измени ќе го опфатат и проширувањето на надлежностите на Советот за координација на безбедно-разузнавачката заедница во делот на организираниот криминал и корупцијата, кои произлегуваат од програмата на владата за формирање на Координативно тело за борба против организиран криминал и корупција.

Но, само три месеци пред истекот на рокот за измени, владата прави лупинг и на 114-тата седница на 24-ти септември 2025-та донесува нова одлука.

ЗАПИСНИК ОД СЕДНИЦА НА ВЛАДА БРОЈ 114 (СЕПТЕМВРИ 2025.): Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање да ја разгледаат потребата од понатамошно постоење и примена на Законот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница во Република Северна Македонија и во рок од 30 дена за истото да ја информираат Владата.

Рокот од 30 дена завршил  во октомври лани, а во октомври оваа 2025-та, цела година подоцна МВР го доставува предлог законот за укинување поради институционална недоверба. Во предлогот никаде не се спомнати Одбрана, Разузнавање и АНБ и нивните мислења зошто цела година, а најверојатно и претходно си развивале институционална недоверба во координација на активностите на тајните служби за заштита на националната безбедност.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД на Телма на 25.10.2026.

Jumbo 2