Искра Хаџи Василева со 64 гласови „за“ избрана е денеска за нова јавна обвинителка за гонење организиран криминал и корупција, откако денеска победи на непосредните избори со тајно гласање на сите обвинители во Македонија.
Хаџи Василева го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов за противправно стекнување на имот и перење пари.
Хаџи Василева освои 7 гласови повеќе од вишиот јавен обвинител, Трајче Пеливанов, кој ја добил поддршката од 57 колеги.
Од останатите кандидати, за Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје се изјасниле 30 обвинители, Фатон Азизи од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција освоил 14 гласови, пред Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје, со 6 гласови. Четири гласачки ливчиња се неважечки.
Ова се официјалните резултати од денешното гласање, кое траеше од 8 до 16 часот а на кое право на глас имаа вкупно 187 обвинители од државата.













