Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, одржа средба со компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение и германските инвеститори во земјава, на која се разговарало за развојот на транспортната инфраструктура и условите за работа на компаниите.
Меѓу главните прашања што ги посочиле инвеститорите се пристапните патишта до производствените капацитети, подобрувањето на сообраќајната поврзаност, интеграцијата на електромобилноста, како и обезбедувањето јавен превоз до индустриските зони и фабриките. Се разговарало и за условите за меѓународните професионални возачи.
Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение, ја истакна клучната улога на функционалната и развиена инфраструктура за економскиот развој и конкурентноста на земјата.
„Околу 70 проценти од извозот на Северна Македонија е насочен кон Европската Унија, а речиси 40 проценти од вкупниот извоз е наменет за Германија. Ова покажува колку е тесно поврзана Северна Македонија со европскиот пазар и колку е значајна развиената транспортна инфраструктура за конкурентноста на земјата“, рече Ванделт.
Таа нагласила дека за компаниите вклучени во европските синџири на снабдување се особено важни навремените испораки, сигурните транспортни правци и предвидливите логистички трошоци. Затоа, како што посочила, инвестициите во клучните европски транспортни коридори се значајни за натамошно продлабочување на економските односи меѓу Македонија и Германија.
„Германските компании располагаат со иновативни технологии, богато искуство и квалитетни услуги во оваа област и се заинтересирани да се вклучат како партнери и во идните инфраструктурни проекти. Навременото информирање за планираните проекти и транспарентните тендерски постапки можат значително да придонесат за тоа. Инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината и во долгорочната конкурентност на Северна Македонија“, изјави Ванделт.
Според стопанското здружение, развиената инфраструктура не само што овозможува побрз и посигурен транспорт на стоките, туку ја олеснува и мобилноста на вработените, проширувањето на постојните производствени капацитети и реализацијата на нови инвестиции.
Од здружението посочуваат дека сигурната и функционална инфраструктура е еден од важните предуслови за привлекување странски инвестиции и подобрување на деловното опкружување во Северна Македонија.












