Вториот ребаланс на буџетот е признание за лошото водење на финансиите и економијата од страна на владата, обвини опозицијата.
Според нив, сериозно е загрозена стабилноста на буџетот, во кој недостигаат 900 милиони евра и се отвораат прашањата од каде и од кои извори во следниот период ќе се исплаќаат плати и пензии.Со тоа што се кратат капиталните инвестиции, велат дека се отвора пат за ново задолжување.
-Toa што претставува овој ребаланс како акт, како чин, кога не носи подобар стандард за граѓаните? Нема пари за повисоки плати, нема фискална стабилизација, нема капитални инвестиции, напротив, тие се кратат. Ова е ребаланс со кој се прави задолжување за трошење, односно со кој ќе се пополнуваат дупките во Буџетот, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Тој потсети дека со јулскиот ребаланс дефицитот бил зголемен со образложение дека средствата ќе одат за капитални инвестиции, но сега тие инвестиции се кратат, додека зголемениот дефицит останува. Со нивните амандмани бараат повисока минимална плата, повеќе средства за младите, зголемување на студентскиот оброк и поддршка за земјоделците. Амандманот за минималната плата беше одбиен со образложение дека таа веќе се покачува.
–Зголемувањето на платите е неопходно поради постојаниот раст на трошоците за живот и поскапувањето на храната, енергијата, превозот и другите основни потреби, кои особено ги погодуваат граѓаните со најниски примања, рече Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски,му одговори дека и со овој ребаланс се обезбедени сите потребни средства кои следуваат од правата на работен однос, доколку настапат измени, ќе се постапи во тој момент.
Пратениците од власта повикаа да не се манипулира со јавноста која треба да знае дека минималната плата расте согласно закон.
–Не може да има поголема инфлација од раст на таа минимална плата.Работникот што зема минимална плата не може да биде посиромашен во тековната година од претходната година во која што работел. Со тоа, се заштитуваат работниците, рече Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Пратениците од Левица бараа да остане поддршката за отворање на мали претпријатија, на што добија одговор дека таа останува, но се трансферира преку друга институција. Одбиен им беше амандманот со кој бараа да останат средствата во Армијата кои сега се кратат од 2 милиони и 600 илјада евра на 200 илјада евра.
–Војниците живеат во недостоинствени услови,немаат чизми, им паѓа малтер од таваните на глава, спијат во касарни со влага, а одделуваме средства 750 милиони евра за НАТО. Градиме кров, мачкаме фасада, а немаме темел, рече Борислав Крмов, пратеник од Левица. Заменик-министерот одговори ова прашање да го постават кон министерот за одбрана.
–Средставата од каде се предлага намалувањето се неманети за веќе преземени обврски поврзани со одржување и подобрување на постоечкото ниво на борбената готовнаост на АРМ.Планираните средста за реконструкција се усогласени согласно динамиката на реализација на планираните активности до крајот на годината, појасни Николче Јанкуловски, заменик-министер за финансии.
Одбиени беа и амандманите на пратениците од Европски фронт кои бараа пари за националниот ден на заедниците и унапредување на правичната застапеност. На овој ребаланс се поднесени 124 амандмани.
Далиборка Демјанска













