Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека во изминатиот период започна со проверки на податоците што ги има добиено од банките за приливите од странство на граѓаните остварени во текот на 2021 година и достави персонализирани известувања до физичките лица – за кои располагаше со податоци дека оствариле доход од странство во текот на 2021 година, со повик во одреден рок да ги исполнат законските даночни обврски.
Доколку обврските не се исполнат доброволно, од Управата за јавни приходи соопштуваат дека ќе преземaт мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.
Од таму објаснуваат и дека не секој доход остварен од странство подлежи на оданочување во Македонија.
Обврска за пријавување на доходот се однесува на физичките лица кои оствариле доход од странство што подлежи на оданочување согласно ЗДЛД, вклучително и доход по основ на:
- доход од работа (плата, хонорари, интелектуални услуги, фриленс);
- доход од закуп, вклучително и доход остварен преку платформи како Airbnb и Booking.com;
- капитални добивки (продажба на имот, криптовалути, хартии од вредност и друго);
- доход од капитал (дивиденди, камати и други финансиски приходи);
- авторски права;
- добивки од игри на среќа; и
- други видови доход што подлежат на оданочување согласно законските одредби.
Приливите од странство добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси не претставуваат автоматски оданочив доход само поради тоа што се примени од странство.
Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби. Затоа, кога е потребно, физичкото лице треба да располага со соодветни докази за основот на приливот.
Управата за јавни приходи апелира до сите физички лица кои примиле прилив од странство да ја проверат својата даночна обврска и, доколку е потребно, навремено да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот (е-ППД) и да ја извршат уплатата на утврдениот данок, со цел почитување на законските прописи и избегнување на евентуални прекршочни или даночни постапки.












