Не може да се говори за ослободувањето на татковината и за државноста без да се оддаде почит на генерациите кои ги поставиле темелите на македонската држава, порача претседателката Силјановска Давкова во честитката за 23 октомври.
Таа истакнува дека партизаните и нивните потомци со право се повикуваат на Илинденското востание и на комитите, нагласувајќи дека саможртвата на оние кои се бореле за национална држава не смее да биде занемарена.
-Партизаните и ние, нивните потомци, не случајно се повикуваме на Илинденското востание и на комититите. Впрочем, не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава. Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив, наведува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека разбирањето на сегашноста е невозможно без познавање и почитување на идеалите и историските чекори преку кои се формирала македонската национална самосвест.
Токму затоа, нагласува Сиљановска-Давкова, 23 Октомври има особено место во македонската историја.
-Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, најсвесните македонски дејци ја преточиле вековната жед и желба за слобода во организирано дело, а стремежот кон самобитност во решителна битка на смрт за сопствена држава. Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба – посочува Сиљановска-Давкова.
Според Сиљановска-Давкова, чествувањето на делото на револуционерите има смисла само доколку се негуваат вредностите за кои тие се бореле, а нивните идеали се преточуваат во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.
Државата, посочува Сиљановска-Давкова, повторно е пред историски испит и сегашните генерации имаат обврска да го продолжат стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава.













