До 20 проценти би можеле да се зголемат цените на авионските билети во Европа следната година предупредува извршниот директор на ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“, Мајкл О’Лири.
„Очекувам цените на авионските билети во Европа во следните 12 месеци да пораснат за 10, 15, а можеби и за 20 проценти“, изјави О’Лири на прес-конференција во Брисел, пренесува Ројтерс.
Според него наглиот раст на цените на авионското гориво, предизвикан од војната на Блискиот Исток, е една од клучните причини за повисоките цени на билетите, поскапувањето сериозно ги намалува профитните маржи на авиокомпаниите што претходно не обезбедиле фиксни цени за набавка на гориво.
О’Лири објасни дека „Рајанер“ и дел од другите европски авиопревозници имале релативно добра заштита од ценовните промени во текот на 2026 година, благодарение на однапред склучените договори за набавка на гориво.
Меѓутоа, ситуацијата би можела значително да се промени од април 2027 година, бидејќи повеќето европски авиокомпании имаат многу мал дел од идните потреби за гориво покриен со вакви договори.
„Рајанер“ обезбедил гориво по 67 долари за барел, но за 2027 година ситуацијата е поинаква
Според О’Лири, на почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, „Рајанер“ имал однапред обезбедена цена за 80 проценти од потребите за гориво, по цена од 67 долари за барел, за периодот до март 2027 година.
Сепак, за периодот по март 2027 година, ирската авиокомпанија има обезбедено фиксна цена за само 15 проценти од своите потреби за гориво, и тоа по цена од 85 долари за барел.
Тековните пазарни цени, според изјавата на О’Лири, се значително повисоки, што создава дополнителен финансиски притисок врз авиопревозниците.
Покрај предупредувањето за можниот раст на цените, О’Лири во Брисел најави и значително намалување на капацитетите на „Рајанер“ во Белгија.
Авиокомпанијата планира да укине 20 линии и повеќе од еден милион седишта од зимскиот ред на летање.
Причината е планираното зголемување на белгискиот данок за авиосообраќај, кој од јануари треба да порасне од сегашните две на седум евра.












