Какви се врските на македонските власти со Ричард Гренел? – Опозицијата прашува, власта возвраќа со контра-обвинувања. Ова доаѓа по информациите дека Гренел, кој важеше за еден од најлојалните сојузници на американскиот претседател Трамп, сега е под истрага покрената од Белата куќа, поради сомнежи за наводна шема за плаќања за влијание врз Трамп. Од СДСМ бараат детали за контактите на премиерот Мицкоски и министерот Муцунски со Гренел.
„СДСМ бара одговор од Мицкоски. Ти, како премиер на оваа држава, кога се среќаваше со Гренел водеше сметка за државата и за нашите граѓани или водеше сметка за трговец со оружје? – Она што, исто така, СДСМ го бара е обвинителството веднаш да отвори истрага за тоа какви биле контактите и договорите на Мицкоски со овој човек. Тоа е многу битно, затоа што и нашата држава мора да се вклучи во оваа акција којашто е покрената директно од Белата куќа, односно од она место за коешто Мицкоски зборуваше дека има одлични канали и дека е во самиот „периметар““, Андреј Жерновски – Член на ИО на СДСМ и секретар за меѓународна соработка.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат со обвинувања кон социјалдемократите. Владеачката партија смета дека СДСМ нема право да држи лекции за дипломатија, потсетувајќи на дипломатски гафови и контроверзии од минатото.
„Се јавија од партијата, чиј поранешен претседател и духовен гуру на Филипче, Заев, имаше средба со Стефан Чернетиќ од Торонто, кој лажно се претставувал како принц на Македонија и Црна Гора. Зоран Заев во телефонски разговор со руски пранкери им го издиктира бројот на тогашниот заменик државен секретар на САД, Вес Мичел. Уште фрапира фактот кога СДС зборат за дипломатија, а нивниот сегашен експозе Фрчкоски, крадеше пари од Амбасадата“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според пишувањата на американските медиуми, истрагата против Гренел треба да утврди дали тој ја злоупотребил блискоста со Трамп за да овозможи политички пристап во замена за финансиска корист.Гренел ги негира обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани.
Петар Догов













