Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Уставниот суд едногласно ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценка на уставноста на Резолуцијата за мигранти

/

Македонија

Сподели преку :

Резолуции кои не содржат правна норма, туку декларативен политички став, не се предмет на расправа на Уставниот суд. Ова беше главниот аргумент со кој уставните судии едногласно ја отфрлија иницијативата на СДСМ, да се укине Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, донесена во Собранието.

„Резолуцијата нема ниту една правна норма, сите се политички ставови, нема правна природа или последица во овој акт за да кажеме дека треба да навлеземе во оцена. Нема содржина што нам ќе ни го предизвика вниманието“, рече уставната судијка Ана Павловска-Данева.

Судиите беа децидни и дека за политичките обвинувања се надлежни други судови.

„Овде станува збор за кавги меѓу политичарите и судот не треба да се впушта во тоа. Во содржината има само препукувања, имаат други судови и тие нека решаваат дали некој некого клевети“, рече судијата Фатмир Скендер.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски рече дека Резолуцијата треба да се цени само по формата и содржината, туку и по правните последици.

„Апсолутно не гледам правна карактеристика што може да се припише на кој било дел од Резолуцијата“, рече Костадиновски.

Резолуцијата беше донесена на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ, по серијата прес-конференции на која од опозицискиот СДСМ тврдеа дека владата има договор со Велика Британија за прифаќање на мигранти. По изгласувањето во Собранието, СДСМ ја оспорија пред Уставниот суд, тврдејќи дека Резолуцијата е во спротивност со членот 16 од Уставот, бидејќи ја задушува слободата на мислата и врши цензура врз неистомислениците.

Далиборка Демјанска Цветановска

Jumbo 2