Државниот завод за ревизија утврдил бројни неправилности и неусогласености во работењето на пет друштва за интернет и електронски игри на среќа во кои Државна лотарија има 51 отсто од сопственоста.
За финансиските извештаи за 2024 година и усогласеноста на работењето со законите, ревизорите изразиле неповолно мислење.
Меѓу утврдените слабости се неусогласености во уплатата и евидентирањето на паричните влогови, долгорочни договори за набавки со важност од 10 и 15 години, недоволна документација за дел од трошоците за маркетинг и промоција, како и неправилности при закупот на деловен простор и давањето позајмици.
Кај дел од друштвата ревизорите не добиле докази за издадени лиценци за приредување интернет игри на среќа, а судските постапки за престанок на три друштва сè уште се во тек.
Ревизијата укажува и на слабости во внатрешните контроли и законската регулатива, вклучително и недостиг од соодветни технички стандарди и надзорен информациски систем за следење на електронските игри на среќа.
Дополнително, заклучно со јануари 2026 година биле доставени барања за ограничување на пристапот до 307 веб-страници и апликации за игри на среќа, но и понатаму биле достапни нелиценцирани платформи.













