Изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции, соопшти денеска Министерството за надворешни работи (МНР), откако во изјави за бугарската национална телевизија, Радуков имплицира дека македонските власти ја пуштиле обвинетата Ива Михаилова да избега во Бугарија.
Кочанчанката Михаилова, која има и бугарско државјанство, е обвинета за сообраќајна несреќа од минатата година, во која загина 33-годишен човек.
Министерството денеска повикало претставник на Бугарската амбасада во земјава кој, во отсуство на амбасадорот, ја извршува функцијата вршител на работи, за да изрази незадоволство од изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и на амбасадорот Радуков. Според МНР, ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи.
„Ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција, согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием“, соопшти МНР.
Министерот Демерџиев во бугарски подкаст пред два дена изјави дека Бугарија ниту ја бара Михаилова, ниту планира да ја екстрадира и да им ја предаде на „српските власти“. На прашањето на новинарот дали употребата на „српските власти“ е грешка, Демерџиев рече дека згрешил, но оти тоа не е толку голема грешка.
Со изјавите на бугарските власти е затворено и прашањето за можна екстрадиција на Михаилова во Македонија. Постапувајќи по меѓународната потерница, Бугарија треба да ја уапси, па да ги извести македонските власти за да ја почнат постапката. Министерот Шасивари чека службено известување.
„Ситуацијата е поврзана најмногу со судството и со Јавното обвинителство, меѓутоа јас кажав пред целата јавност, во моментот кога ќе добијам службена информација веднаш ќе постапам со екстрадицијата, што е моја законска надлежност и одговорност“, вели Шасивари.
Михаилова, која има и бугарско државјанство, рече дека избегала во Бугарија, затоа што во Македонија не ѝ било овозможено лекување. Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја прочешлал документацијата во Клиниката за неврологија, каде што се лекувала.
Според информациите на Телма, докторот Иван Барбов, кој препорачал лекување во странство, не ги внесувал нејзините прегледи во „Мој термин“, за што ќе биде парично казнет. Тој рекол дека не ги внел во системот затоа што таа немала здравствено осигурување и се лекувала на приватно.
Срѓан Стојанчов













