Навремено откривање на болеста, редовно обезбедување соодветни лекови и полесен пристап до терапија за пациентите од другите градови. Oва се барањата на здруженија за ретки болести. Тие сакаат да се креира национална стратегија за ретки болести, со јасен план за лекување.
„Свесни сме дека имаме нови терапии и пациенти. Нашите потреби се зголемуваат, а не знаеме кои се нивните планови. Заслужуваме да знаеме како ќе се одвива нашиот живот, бидејќи ние мораме да знаеме колку време ќе доцни лекот“, изјави Наташа Анѓелеска од Национална алијанса за ретки болести
Бараат средба со министерот за здравство, Сашо Клековски за да ги разгледаат овие предлози и да се договорат околу набавката на нова терапија.
„Сега имаме нов министер за здравство и не знаеме дали и тој ги има истите планови како претходниот министер. Министерство за здравство треба да се грижи за нас, исто како и Фондот за здравствено осигурување. Ама не може ние здруженијата да одиме во Министерството за финансии и да бараме средства, иако многупати во минатото и тоа сме го правеле самите“, истакна Весна Алексовска од Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.
Во здруженијата на ретки болести има 26 членови со мускулна дистрофија. Најмладиот пациент е шестмесечно бебе, а највозрасниот има 23 години. Од здруженијата бараат редовна терапија и точна насока за овие пациенти после 18 години.
„Кога ќе наполнат 18 години лутаме. Не знаеме каде да се обратиме, ниту да поднесеме барање за преглед. Како минуваат годините, болеста зема голем замав, страдаат мускулите, прогресијата е голема. Има потреба од респираторни машини за дишење и соодветни инвалидски помагала“, рече Ване Петридов, претседател на Асоцијацијата за мускулна дистофија.
Од Министерството за здравство засега нема одговор за тоа дали министерот ќе се сретне со претставниците на овие здруженија, како и за набавката на нивната терапија.
Тамара Марковска













