Преспа со децении живее од јаболкото. Овде овоштарството не е само земјоделска гранка, туку начин на живот за голем број семејства, традиција која се пренесува од генерација на генерација. Но, за да се стигне до првиот род, потребно е трпение. Зад јаболкото што го гледаме на пазарите стои долг процес. Од подигнувањето на новиот насад, до првиот род се потребни години, а потоа слдуваат децении работа, вложувања и грижа.
-Самиот почеток е 5 до 7 години дури овошката да стигне до полн род на јаболка, а овошката трае отприлика 35 години дава род. Буквално потребни се две генерации во едно семејство за одгледување на јаболката, да ги покријат трошоците во производството, да можат да ги покријат личните трошоци, вели Љубе Пампулевски, овоштар
Преспанските овоштари велат дека нивната работа трае 365 дена во годината.Од берба до берба има низа активности, секој период од годината носи свои задачи и обврски во овоштарникот
-Она што земјоделците го прават е зимската резидба, зимското ѓубрење, подготовката на овошките за пролетта, за цветањето. Условите временски се многу важни во опрашувањето на јаболковиот цвет од страна на пчелите, коишто колку има подобри услови, толку ќе биде заврзувањето на плодот подобро. И почнуваме со заштита, наводнување, дополнително ѓубрење, чистење на ластари, разредување на јаболката… Потоа е период на чистење ластари веќе јуни, јули, наводнување, заштита, сè до берба во октомври, додава Пампѕулевски
Но, во последните години на списокот има уште еден голем предизвик – климатските промени.Доцните пролетни мразеви и градот сè почесто го уништуваат родот.
-Изминатите години, заради климатските промени, заради доцните пролетни мразеви имавме десеткувано производство, така и оваа година, за жал. Ќе потенцирам, максималните можности и капацитети, производителите и овоштарите во Преспа без проблем во идеални услови можат да постигнат над 200.000 тони производство. Оваа година, за жал, заради тоа што го спомнав претходно, имаме очекуван род од 50 до 60 илјади тони, додава Љубе Пампулевски.
И кога реколтата е добра, останува прашањето – дали ќе се најде пласман .Овоштарите произведуваат стотици тони и најголемиот дел не можат сами да го пласираат. По бербата започнува битктаа – каде ќе заврши и по која цена ќе се продаде. Од нивата до трпезата постои цел синџир – откупувачи, трговци, складишта, преработувачки капацитети и пазари. За овоштарот, добриот род не значи автоматски и добра заработка.
–Во моментот цената на индустриското јаболко е 4 денари, таа не задоволува бидејќи минатата година цената беше 8 до 10 денари. Во текот на пролетта, во месец мај беше 8 денари.Почетната цена не ги исполнува очекувањата на овоштарите, којашто е 4 денари, и нас ни е потребна поддршка од државата во секој случај. Трпезното јаболко се движи во моментот околу 25 денари за прва и екстра класа од сортите Златен, Црвен Делишес, Муцу и така натаму, есенските сорти Гала, Ајдаред и така натаму.Во овој случај, во моментот имаме во најава тешка сезона со продажбата на јаболкото, и покрај малиот род, додадав Пампулевски
Денес пред преспанските овоштари не стои само прашањето како да произведат повеќе, туку и како да произведуваат поодржливо и да се намали притисокот врз чувствителниот екосистм.
-За спас на Преспанкото езеро, но и заштита на почвите и воздухот, потребна е радикална промена во начинот на поизводство на пресанкото јаболко. Во таа носка потребни се современи и добри земјоделски практики. Целата е употреба на помалку песдициид и вода, но задржување на приносите а со тоа и егизстенцијата на локалното население
Од садницата до трпезата, преспанското јаболко минува долг пат. За овоштарите, секоја сезона е нов циклус на работа, одгледување и чекање на резултатот. А кога јаболкото ќе стигне до потрошувачот, зад него останува приказната за луѓето кои живеат од ова производство, за традицијата по која Преспа е препознатлива, но и за овоштарството кое е важен дел од локалната економија.
Емилија Мисирлиевски













