Истрагата е во тек, но сè уште нема информации од надлежните како Ива Михаилова излегла од Македонија. Министерството за внатрешни работи (МВР) и денеска со истиот одговор за Телма, дека одделот за внатрешна контрола преземаа соодветни активности по што јавноста ќе биде соодветно известена.
Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за Телма без детали за тоа дали имаат активности или е побарана помош во рамки на истрагата за бегството на Михаилова. Ни одговорија дека не се надлежни за спроведување на мерки определни од суд за обезбедување на присуство на обвинети или осомничени лица.
„Во врска со прашањата за конкретните лица, Ве известуваме дека против нив се водат судски постапки и, согласно закон, надлежниот суд одлучува за определување, изменување и укинување на мерките за присуство на обвинетиот и непречено водење на кривичната постапка. Проверка на извршувањето на определените мерки не е во надлежност на Агенцијата за национална безбедност“, одговорија од АНБ.
Деновиве јавноста ја смирува првиот човек на владата. Бегалецот и бегалката ќе ги изведеме пред лицето на правдата, кога-тогаш, порача премиерот.
„Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази кои што ќе ги имаме во истрагата, прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО за да покажеме како се однесуваат партнерски земји во НАТО. Овој упад кој што е направен и буквално е киднапирано лице коешто сега е бегалец од правдата, нема вака да заврши. Вака едноставно нема да заврши. Но, ние исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции. Ние ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите. Напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и барање решенија“, рече премиерот Мицкоски.
ЛДП со критика за владата и премиерот – „за секој мегаскандал, секој избеган криминалец и секое сопствено фијаско, дежурен виновен им е секој друг освен тие самите“.
„Бидејќи во владината палата очигледно владее целосна загуба на самокритичноста и реалноста, ЛДП има конкретен предлог за најавениот ребаланс на буџетот, нека се предвидат средства за купување на едно големо огледало кое ќе биде поставено во салата каде што се одржуваат владините седници, како и по едно во секој министерски кабинет. Ќе им дојде од голема полза кога секојдневно ќе се соочуваат со сопствените празни ветувања, неспособност и институционални катастрофи“, реагираат од ЛДП.
Македонското МВР сè уште не добило официјална информација поврзана со Ива Михаилова. Бугарското МВР уште пред два дена објави дека не ја бара и дека не испорачуваат бугарски државјани. Во меѓувреме судењето за сообраќајката во која животот го загуби Бесим Дурмиши од Љуботен, продолжува на 9 ноември, а обивнителството најверојатно ќе бара да ѝ се суди во отсуство.
Елена Ивановска Мукоска













