Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

(фото+видео) Повеќе од 50 монети од европскиот и од американскиот континент изложени во Струмица

/

Култура

Сподели преку :

Монети од различни периоди, со различни обележја и потекло, собрани на едно место како сведоштво за минатото. Заводот и музеј Струмица ја претстави изложбата „Монети од 14 до 20 век“, на која се изложени повеќе од 50 монети од европскиот и американскиот континент. Преку нивната хронолошка и типолошка систематизација, посетителите имаат можност да се запознаат со предмети што зборуваат за владетелите, државите, трговијата и културните влијанија во различни историски епохи.

  • „Монетите се сведоци на историјата. Мали артефакти што носат во себе приказни, за царства, држави, економии и култура. Тие не се само средства за размена, туку и огледало на уметноста, технологијата и идеологијата на еден народ во одредено време. Од антиката до современата доба, секоја монета е уникатен документ што зборува за владејачите, симболите и вредностите на своето време“, рече Бранко Ѓоргиев, автор на публикацијата.

Изложените предмети се претставени и преку фотографии, методолошки подредени за полесно следење на нивните карактеристики и историскиот контекст. Изложбата произлегува од истоименото издание на Бранко Ѓоргиев, во кое е претставена истражувачката работа на Одделението за историја при музејот.

  • „Овие монети се дел од нумизматичките збирки од историското одделение што се чуваат во рамки на Завод и музеј Струмица. Институција која со децении го истражува и чува култрното наследство на струмичкиот регион и пошироко,“ додава Ѓоргиев.

Нумизматичките збирки на струмичкиот музеј се формирале низ годините со предмети пронајдени на различни локалитети, но и со монети откупени од граѓани или подарени на установата. Нивното зачувување и проучување овозможува да се надополнува сликата за историскиот континуитет на Струмица и Струмичко. Изложбата и публикацијата се наменети не само за научната јавност и колекционерите, туку и за сите заинтересирани за историјата и културното наследство на регионот.

Сузана Мицева

Jumbo 2