Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Луна-паркот ќе чека нов тендер – склучениот во мај е раскинат поради судски спор

/

Македонија

Сподели преку :

Тендер од 2017 година за набавка на реквизити за Луна-паркот е причината поради која Град Скопје го раскина договорот за изградба вреден 10 милиони евра кој беше склучен во мај годинава. Градските власти се децидни, нов тендер ќе има и забавниот парк ќе биде готов според најавеното, до крајот на идната година.

Од Град Скопје информираат дека станува збор за тендер за набавка на 7 реквизити вреден два милиони евра склучен во март 2017 година од тогашниот градоначалник Коце Трајановски. Исплатени се 80 проценти од сумата, фирмата ги донела седумте реквизити, но наследникот на Трајановски, Петре Шилегов го раскинува договорот и случајот завршува на суд. Наследничката Данела Арсовска воопшто не се заинтересира за судскиот спор или Луна-паркот.

Ова е нотирано и во ревизорскиот извештај од 2022 година каде стои дека покрај тоа што не е доплатена сумата, реквизитите скапуваат во склад за кој се плаќа закупнина и Град Скопје не ја исполнил обврската да ги урне дискотеките во кругот на Луна-паркот.

Тие седум реквизити се содржат и во последниот тендер распишан од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски па затоа тој спогодбено го раскина договорот со фирмата „Мастеф“  која покрај набавка и монтажа на реквизити за забавниот парк беше задолжена и за проектирање и партерно уредување.

Во Град Скопје сега ќе направат анализа кои реквизити недостасуваат и потоа ќе се распише нов тендер, но овој ќе биде за 9 реквизити меѓу кои и панорамско тркало и ролеркостер и на помала сума поради веќе набавените. Оттаму најавуваат дека поставувањето на реквизитите од тендерот од 2017 година ќе почне во текот на идниот месец и дека забавниот парк ќе биде целосно готов до крајот на 2027 година. Новиот Луна-парк ќе се зафаќа поголема површина од стариот бидејќи ќе се прошири и на местата каде што беа летните дискотеки во Градскиот парк, кои пред шест месеци беа урнати.

Скопје и скопјани веќе една деценија немаат забавен парк откако поранешниот градоначалник Шилегов го прекина проектот на неговиот претходник Трајановски бидејќи не бил доволно добар и функционален.  Италијанско архитектонско биро изработи студија за изгледот на новиот Луна-парк која беше презентирана на јавноста но проектот никогаш не почна поради пандемијата на корона вирусот.

 

Jumbo 2