Разбиен е нелегален онлајн пазар за продажба на украдени податоци и поднесена е кривична пријава против 20-годишник од тетовско, соопшти Министерството за внатрешнби работи (МВР) прек Фејсбук по заедничката акција, како што е наведено, со ФБИ.
„Како резултат на успешна координирана истрага меѓу Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ), откриен е администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се нуделе украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против Е.А. (20) од Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија““, објави МВР.
Според обезбедените докази, МВР посочува дека пријавениот во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, која служела како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за извршување кривични дела. Главни корисници на платформата, според МВР, биле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви, а во периодот на функционирање на платформата биле понудени над 1.500 украдени пристапни акредитиви.
„Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името „ONEMILI“ на комуникациската апликација „Телеграм“. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства. Дополнително, обезбедени се докази дека пријавениот преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца“, информира МВР по првата заедничка координирана сајбер-операција со ФБИ.













