Се санира регионалната депонија „Шапкар“ кај Струмица. Отпадот се покрива со земја, а локацијата е под 24-часовен видеонадзор и постојана чуварска служба. Целта е да се намали ризикот од пожари, кои со години се палат на оваа депонија, што ја прави сериозен проблем за жителите на Струмица и блиските села. Досега е покриена приближно половина од депонијата, односно нејзиниот северен дел. Предвидено е целиот наталожен отпад да биде покриен со земјен слој од околу 50 сантиметри. Истовремено, ќе се уредуваат и пристапните патеки, за да се овозможи полесно движење и интервенција на механизацијата.
„Ќе се носат насипи сепарирана структура за да можеме да посипуваме тоа е и поентата за поодговорно однесување кон таа депонија а и самите патеки ќе ги тампонираме за да биде соодветно на целата ситуација таму“, вели Кире Синдраковски, директор на ЈПКД „Комуналец“.
Покрај покривањето на отпадот, на депонијата е воспоставен постојан надзор со четири камери, а обезбедена е и дежурна механизација за брза интервенција при евентуална појава на пожар. Во следниот период се очекува и обновување на дел од механизацијата на ЈПКД „Комуналец“, која ќе се користи за одржување на депонијата и за поефикасно справување со ваквите ситуации.
Но, проблемот со отпадот не е ограничен само на регионалната депонија. Од комуналното претпријатие предупредуваат дека неконтролираното фрлање отпад и понатаму е присутно на повеќе локации во општината, поради што се засилуваат и инспекциските контроли.
„На територија на Општина Струмица скоро и да нема населено место кадe нема фрлено неконтролиран отпад“ додава Синдраковски.
„Шапкар“ е регионална депонија на која се одлага комуналниот отпад од три општини во Струмичкиот регион. Нејзиното уредување е особено важно и поради плановите за идно депонирање отпад од Југоисточниот и Вардарскиот плански регион. Покривањето со земја, засилениот надзор и обезбедувањето соодветна механизација се дел од мерките со кои треба да се намалат ризиците од пожари и да се подобри контролата врз оваа локација.
Сузана Мицева













