Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Герасимовски: Законска обврска е да почнеме процедура за ДУП-от за Барутана, советниците ќе одлучат дали ќе се усвои

/

Македонија

Сподели преку :

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ја префрли топката за носењето на ДУП-от за Барутана на Водно кај советниците. По изјавата на претседателот на СДСМ Венко Филипче дека додека е на чело на СДСМ, нема да дозволи цигла да се изгради во Барутана, неговиот сопартиец Герасимовски вели дека општината има законска обврска да ја спроведе процедурата за изработка на планот, но дали ќе биде изгласан зависи од советниците. Герасимовски пред две недели беше избран за потпретседател на СДСМ.

-Се согласувам со изјавите на претседателот Венко Филипче во делот на идно градење на Водно и заштита на жителите на Водно. Тоа го правиме и тоа ќе го правиме во иднина. Во делот на политичките изјави, јас кажав дека наша законска должност е по поништување и укинување на детален план да почнеме процедура, а дали планот ќе види светло на крајот на тунелот ќе видиме на крајот кога советниците ќе се произнесат, вели Герасимовски.

На брифинг со новинарите, тој го образложи нацрт-планот за Барутана, за кој рече дека се обезбедени позитивни мислења од сите надлежни институции – Од Град Скопје, Министерства, Дирекција за заштита и спасување, комунални претпријатија. Уверува дека нема дозволи ДУП-от да дојде на дневен ред на Советот додека не се дојде до прифатливо решение за сите отворени прашања.

Дополнително, Општината ќе ѝ наложи на планерската куќа да нарача дополнителна студија од Градежниот факултет за процена на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. Герасимовски уверува дека со новиот план се намалува катноста на објектите и се предвидува повеќе зеленило.

Според него, просторот таму веќе е изграден, има само 13 парцели кои се неизградени. Со планот се предвидува приземје плус два ката, а во една куќа може да има до 4 стана.

За нацрт-планот на Барутана гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Општина Центар, а Шанса за Центар, ЗНАМ и Левица жестоко ја критикуваат бетонизацијата на Водно. Загрижени се за безбедноста поради можни свлечишта.

Советници од СДСМ со кои разговаравме сега велат гласале да се отвори расправа, а на крај ќе видат како ќе гласаат. Ако нè убедат дека планот е добар, никого не загрозува и е во интерес на граѓаните, тогаш ќе одлучиме.

Минатата недела, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека додека тој е лидер на СДСМ, нема да дозволи ниту цигла да се изгради во Барутана и на Водно и оти овој став е координиран со неговиот сопартиец Герасимовски. Вели не го интересира кој има плацови таму.

Истражувањето на Призма покажа дека најатрактивните плацови за изградба на хациенди во Барутана во 2023 година ги купиле фирми и луѓе блиски до поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и до поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев.

Срѓан Стојанчов

 

 

Jumbo 2