Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова (23) од Кочани по барање на Основниот суд Кочани за кривично дело по член 300, став 4 и член 297, став 3 од Кривичниот законик.
Ива Михајлова, која во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, деновиве избега во Бугарија. Младата кочанчанка, која има и активно бугарско државјанство, се појави преку медиумите во Бугарија, по што беше утврдено дека на нелегален начин ја преминала македонската граница. Кочанскиот суд има изречено мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата, но поради нивно непочитување таа денеска доби триесетдневен притвор, што ќе се смета од моментот кога ќе биде приведена.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско интервју изјави дека таа нелегално ја напуштила државата и најави распишување меѓународна потерница.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
„Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, соопшти попладнево МВР.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.













