Обвинителството бара притвор за Ива Михаилова, откако таа пребегна во Бугарија. Предлогот е доставен до Судот во Кочани, а оттаму велат се постапува по барањето. Михаилова и нејзиниот адвокат Николај Димитров изјавија дека границата ја преминале преку официјален премин. Михаилова изјави дека тоа го сторила со лична карта, но е невозможно бидејќи таков договор немаме со Бугарија, која е дел од Шенген зоната.
Од МВР соопштија дека на ниту еден граничен премин не е евидентиран излез на Ива Михаилова од државата, ниту влез во Бугарија. На прашање дали нејзиниот адвокат Димитров е евидентиран од МВР исто така со негативен одговор.
„Почитувани, за лицето за кое прашувате не е евидентиран влез/излез на ГП со Македонија на 11.10.2026, велат од МВР.
Адвокатот Димитров тврди дека властите на границата знаеле за преминувањето на Михаилова и дека не ги попречиле. Не кажа на кој граничен премин поминале, бидејќи не сакал да им создава проблеми на луѓето за кои тврди дека им помогнале.Дали МВР истражува како Михаилова и Димитров ја напуштиле државата оттаму не ни одговорија.
Против Михаилова се води судски за сообраќајна несреќа со смртни последици која се случи во октомври минатата година. Притоа и беа одземени и двата пасоши, македонскиот и бугарскиот и имаше обврска секој понеделник да се пријавува во полициска станица во Кочани.
Таа тврди дека во Македонија била репресирана заради своето бугарско потекло и самосвест и не и било дозволувано да се лечи во Бугарија од повредите кои ги здобила при сообраќајната несреќа.
Михајлова се гони за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Според обвинението, таа возела со брзина од 85 километри на час, односно 25 над дозволеното и со автомобилот преминала на левата страна од патот, наменета за возилата од спротивната насока по што следувал директен судир.
Од повредите истиот ден починал еден од сопатниците во другото возило, Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен.
Марија Митевска













