Се крати од парите за пречистителната станица во Скопје, но од средствата за набавка на природен гас. За над 60 милиони евра вкупно е покус буџетот на Министерството за животна средина и на енергетика – двете институции кај кој со вториот ребаланс на буџетот се направи најголеми корекции на средствата.
Од животна за Телма велат дека најголем дел од средствата кои им се скратени се за изградба на пречистителната станица во Скопје, но и од проектите кои ги реализираат со сопствени средства, за кои уверуваат дека имаат доволно пари за до крајот на годинава.
Со новиот ребаланс, касата пак на Министерството за енергетика е полесна исто за околу 30 милиони евра. Од таму за Телма соопштуваат дека станува збор за средства кои биле планирани за набавка на природен гас, кој не може да се повлече.
Расположливите прекугранични капацитети на интерконекциската точка меѓу Бугарија и Македонија се сериозно ограничени поради долгорочно резервираните капацитети при што значаен дел од нив се закупени од страна на Газпром но не се достапни за нови корисници, пишува во дописот на Министерството за енергетика
Околу 6, 7 милиони евра се кратат и кај Министерство за здравство. За околу 2 милиони евра се покуси и во Агенцијата за иновации и научно технолошки развој и претприемништво, но и во Државниот завод за статистика. Речиси 5 милиони евра се крати и од парите на Влада, над 4 милиони евра има помалку има и кај ТИРЗ. Се крати и од буџетот на Агенцијата за безбедност ОТА, но и кај други институции и министерства.
Од документот за ребалансот кој е веќе прикачен на страницата на Собрание може да се види дека со новото прекројување на државната каса повеќе пари добиваат и фондот за здравство и за пензиско. Околу 30 милиони евра плус добива и Министерството за социјала.
Ова се дел од корекциите кои се направени со новото прекројување на државната каса со кое по 86 милиони евра се крати и кај приходите и кај расходите.
За дефицитот и јавниот долг беше потенцирано дека нема да има измени односно продлабочување. Но, без разлика на тоа домашните експерти излегоа со предупредување дека овие две ставки веќе ги надминуваат црвените граници кои се поставени. Во моментов јавниот долг на државата е над 10, 7 милијарди евра или скоро 59 отсто од БДП.
Дополнителен товар е и новото задолжување од 150 милиони евра, по камата од 5, 25 отсто. Иако, задолжувањето е планирано, познавачите коментираат дека лошо е што цената за овие пари е повисока од растот на БДП кој се проценува дека ќе биде 3, 5 отсто.
По, ова второ прекројување на државата каса, најверојатно ќе има уште една распределба на средства до крајот на годината.
Ирена Чачкова












